
Министерката за образование, Весна Јаневска, смета дека објектите на ФЕИТ и Факултетот за физичка култура намерно биле оставени недоградени цели 10 години, бидејќи биле започнати како проекти на ВМРО-ДПМНЕ, без да се води грижа за интересите на студентите, професорите и за знаењето.
Научно-технолошкиот парк нема никаква врска со тие 2 згради. Тие две згради се политика на Министерството за образование и наука, политика на државата, а научно-технолошкиот парк е неопходна потреба на државата – подвлекува министерката во интервју за Радио Слободна Европа.
Таа посочи и дека не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовните асистенти зашто потребите во училиштата се променливи. Таа порачува дека ако во иднина се појави можност дел од асистентите трајно да се вработат, тоа со задоволство ќе го прифати, но дека нема да дава лажна надеж.
Министерката најавува оптимизирање на дел од училиштата, но не прецизира колку од нив ќе бидат затворени. Информира дека некои школи се веќе со клуч на врата, веројатно околу стотина подрачја каде нема деца и таму на градоначалниците им се препорачува да ги пренаменат објектите – за старски дом или за некаков клуб.