
Динамиката на работа на новите автопатишта кои ги гради конзорциумот Бехтел и Енка се одвива според планираното, освен на автопатот од Требеништа до Ќафасан, каде работите се стопирани од УНЕСКО – истакна во вечерашното гостување во “Вести Плус” на “Канал 5”, потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Динамиката е согласно планираното, со едно одлагање од две години, од причина што тие две години од претходната Влада не беше изградено ништо. Ние кога дојдовме скоро и да немаше експропријација направено. Првото воведување во работа и на Тетово-Гостивар и на Гостивар-Букојчани и на Прилеп-Битола, беше во мандат на оваа Влада, но сега е динамиката добра и оди добро. Останува прашањето со Требеништа-Ќафасан, имајќи во предвид дека изградбата на овој автопат и официјално беше во извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион, иако Охридскиот регион што не е во опасност, ова остана дел од извештајот, истакна Николоски.
Тој потенцираше дека Владата рамислува за алтернативи со кои од една страна ќе се заштити животната средина, а од друга страна ќе се добие добра инфраструктурна поврзаност во овој дел од државата, што секако нема да биде во спротивност со препораките на УНЕСКО.