
Ние, независни советници, градоначалници и активисти од цела земја, денес ѝ се обраќаме на Претседателката, г-а Гордана Сиљановска-Давкова, со итно барање да не го потпише указот за прогласување на противуставните измени на Изборниот законик кои повторно се туркаат по скратена и нетранспарентна постапка. Законот во моментов не е изгласан во Собранието единствено поради немање Бадентерово мнозинство – ситуација која може во секој момент да се смени.
Бараме Сиљановска-Давкова да постапи согласно своите законски надлежности како Претседателка на РМ, но и согласно својот професионален интегритет и етичките вредности како поранешна професорка по уставно право.
Со Законот се зголемува бројот на потписи потребни за независните кандидатски листи да учествуваат на избори — на некои места за дури три и пол пати повеќе од одредбите кои важеа за време на локалните избори во 2021 г. Со тоа, директно се елиминира можноста за учество на независни кандидати, што претставува флагрантно кршење на уставно загарантираното избирачко право и бескрупулозен изборен инжењеринг. Да се потсетиме дека за независните гласаа 56.000 граѓани на минатите избори во 2021 година со што внесоа свои независни претставници во 33 општини и во Градот Скопје.
Ова не е техничка измена или усогласување со препораки — ова е заеднички напад врз демократијата од страна на сите парламентарни партии и повторно донесување противуставни измени кои Уставниот суд пред неполни 30 дена ги укина!
Законот повторно се гласа пo скратена постапка, без јавна расправа, без консултација со засегнатите страни, без објаснување зошто по две децении се прави вака драстично менување на изборните правила. Уставниот суд на 20 мај 2025 г. веќе еднаш укина противуставна измена (У.бр.186/2024), а сега политичките партии сплотени заедно повторно ја враќаат — во уште поекстремна верзија.
Со оваа постапка, Собранието удира шамар не само на демократијата и на граѓаните, туку и на Уставниот суд како инстутиција и на Уставот како највисокиот акт во Македонија на кој се темели правниот поредок и со кој се исцртува линијата што ниедна власт не смее да ја премине!
Меѓународните тела како што се ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија препорачуваат максимум 1% потписи заедно со олеснување на начините за собирање на тие потписи, односно ослободување на строгите бирократски механизми и под услов правилата за собирање потписи да не се користат за да ги спречат кандидатите да се кандидираат за функции каков што е случајот со предложените измени на Изборниот законик. Препораката за значително елиминирање на бирократските процедури партиите воопшто не ја зедоа предвид, а препораката за максимум 1% ја извртеа во своја корист и во општините со најголем број на избирачи го зголемија прагот за пристап до избори на сите независни кандидати — што е спротивно на сите демократски практики во Европа и спротивно на суштинските одредби од македонскиот Устав во кои се вели дека не смее да се ограничува правото да се избира и да се биде избран како една од темелните вредности на уставниот поредок.
Ова не е борба за привилегии, ова е борба за фер шанса. За право на секој граѓанин — да се кандидира и да избира. За право на секој граѓанин да е делотворно вклучен во процесите на носење одлуки што го засегаат.
Бараме:
– Да не се потпише указот за прогласување на овој закон
– Да се изработи нов предлог со вклучување на барањата на независните кандидати
– Да се организира јавна расправа со присуство на стручната и општата јавност
– Да се донесе решение што е во корист на демократијата и усогласено со уставно загарантираните права на секој граѓанин на Македонија
Ние не се откажуваме. Ќе продолжиме да се бориме за фер избори, за независни гласови и за вистински плурализам. Зад ова соопштение стоиме независни актуелни и поранешни претставници од вкупно 8 македонски општини и Град Скопје.