Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место Битола-2.
Од МЖСПП посочуваат дека среднодневните концентрации на PM10 на мернoто место Битола-2 на 21 и 22 јануари има појава на надминување на прагот на алармирање и затоа е потребно да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола, како и вонредни инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи.
Согласно новонастаната состојба за Битола важат мерки и активности во кои е вклучено интезивирање на вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила, вонредни контроли на градилиштата, забрана на горење на отворено, потоа се препорачува на сите правни субјекти и нивните работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање препорачуваат сите правни субјекти да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот, а во овој период да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.