Skip to main content

МТСП: Социјалните работнички го трансформираат животот на жените и ја помагаат нивната економска независност

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во партнерство со UN Women Македонија, организираше панел дискусија со наслов „Трансформативната моќ на социјалните работнички“ по повод одбележувањето на „8 Март“ – Меѓународниот ден на жената. Настанот, кој се одржа во Центарот за социјални претпријатија на Министерството, ги собра креаторите на политиките, социјалните работници и претставниците од академската заедница за да разговараат за виталната улога на социјалните работници во справувањето со потребите на најранливите групи и промовирањето на социјалната вклученост.

„Социјалните работници, вклучувајќи ги и жените, имаат значајна улога во промовирањето на родовата еднаквост. Тие активно работат на елиминација на насилството врз жените, борбата против дискриминацијата и обезбедувањето пристап до ресурси и поддршка за жените кои се во неповолна позиција. На крајот, сакам да им порачам на сите социјални работнички: Вашиот труд, иако често невидлив, остава неизбришлив траг на надеж и љубов во срцата на оние на кои им помагате. Продолжете да бидете светлина за оние кои се во темнина. Вашата грижливост се нешто што го прави светот подобро место“, рече Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.

„Економски зајакната жена  значи економски посилно семејство, и економски постабилно општество. Зајакнувањето на жените да се ослободат од било која форма на насилство врз нив, како и нивното економско зајакнување не само е правично, туку е од суштинско значење  за градење на посилно и поотпорно општество. Овој дијалог, во месецот на прославување на Меѓународниот ден на жената, е продолжение на нашата посветеност за поддршка на националните приоритети и заложби за  значајни и позитивни промени за сите жени и девојки“, изјави Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women Македонија.

Социјалните работнички и работници се столбот на системите за социјална заштита, обезбедувајќи суштински услуги за оние на кои им е најпотребна, жените кои сакаат да се ослободат од насилството, да ги обноват своите животи и да стекнат економска независност. Оваа панел-дискусија ги истакна предизвиците со кои се соочуваат секојдневно, вклучувајќи ограничени ресурси, голем обем на случаи и емоционален влог. Исто така, истражуваше начини за зајакнување на поддршката за социјалните работнички и работници, осигурувајќи дека тие ги имаат потребните алатки и ресурси за ефективно да им помогнат на заедниците во криза.

Дополнително, од 7 до 9 март 2025 година во трговскиот центар Ист Гејт Мол (втори кат) се одржува „Базар за социјален импакт и економско зајакнување на жените“ за поддршка на општествено одговорните бизниси, жените занаетчики и претприемачки, како и поттикнување на нивното одржливо економско вклучување.

Поврзани вести