
Зоране Иванов, моја вечна инспирација за саркастични и сатирични беседи, дали знаеш која е сличноста меѓу мене, Канал 5 ТВ и тебе? Јас ќе ти кажам – никаква, нема сличност, или едноставно речено– ние сме два различни света, пишува Иван Мирчевски во неговиот денешен став објавен на Канал 5.
Не сакам да помислам дека како „призрак“ на одреден политички центар, си во некој круг на морална анархија во кој те опчинува некаква бурна елегична дистракција. Причината за овој сериозен интелектуално-креативен немир можам само да го претпоставам и верувам дека е поврзан со познатото „проклетство“ – да имаш, па да немаш.
Како човек кој огромен број пати гостувал во Канал 5 ТВ, кому му била дадена шанса да ги артикулира своите ставови без никакви задршки или опструкции сметам дека ако веќе не можеш да ја „симнеш пајажината од очите“, обиди се барем да ги подигнеш мечот.
Знаеш што ќе видиш? Ќе видиш потресни призори, ќе видиш несреќни и болни , ќе видиш „чемер , смрт и мизерија“.
Твојот обид за моја лична дискредитација, девалвација и јавна дефамaција, при што ја извртуваш толку очигледната вистина, е само продолжение на еден медиумски авантуризам во кој учествуваше и ти а е поврзан со моето вклучување во емисијата „Само Вистина“ во ноември 2023 год.
Те молам, немој „пајажината“ која ја имаш на твоите очи да ми ја лепиш на моите очи. Немој само да ме убедуваш дека фундаментот на говорот и слободата на израз се навредите и клеветите и потенцијалниот говор на омраза.
Канал 5 ТВ бил и ќе остане храм на демократијата и новинарството, и дај те молам, охрабри се, и конечно не бегај од јавна дебата со мене „на кавга со Иван“, со цел заедно да откриеме како тоа црното е бело, говорот на омраза е говор на слобода, и кој навистина се слизнува или е веќе слизнат во т.н. морално дно.
Навистина се чувствувам екстатично и треперам за моментот кога ќе дојдеш во мојата емисија , а не постојано да наоѓаш изговори при тоа „гушкајќи ја“ твојата тастатура…како до сега.
Терминот за снимање и емитување на мојата „кавга“ ти го оставам тебе, нормално оставам да кореспондираат со твоите слободни термини , време кога не пишуваш вакви фантазмагорични текстови, пишува Мирчевски.