Skip to main content

Мицкоски: Ваков тип на објект нема ни во Германија, кажаа инспекторите кои дојдоа да го видат реновираниот оперативен блок во ГОБ „8 Септември“

Господата кои дојдоа од Германија и извршија инспекција на електромеханичката опрема, рекоа дека ваков тип на објект нема ни во Германија, кажа премиерот Христијан Мицкоски кој денеска беше во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје каде што беше промовиран реновираниот оперативен блок.

Со инвестиција од 12 милиони евра, целосно се реконструираше и се надгради болницата “8-ми Септември”. Инвестицијата се реализираше во соработка меѓу Владата и ТАВ.

Премиерот Мицкоски истакна дека станува збор за значаен проект за македонското здравство бидејќи добиваме најмодерен регионален објект и оти, како што вели, вакви услови северно до Виена нема.

Пред да се случи реконструкцијата во операционите сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, кровот течеше. Тоа што сега не можете да го видите а исто беше опфатено со реконструкцијата е целосната обнова на кровната конструкција каде што се сместени клима коморите кои обезбедуваат третитран воздух со сите параметри – влажност, чистота, итн, но исто така и делот каде се чилерите и другата електромеханичка опрема во подножјето на објектот. Кога сето тоа ќе се заокружи ќе ја добиеме целината која е нешто модерно и современо, што не постои во регионот и за кое како граѓани треба да се гордееме, рече Мицкоски.

Со реализација на овој проект се направи целосна реконструкција и опремување на оперативниот блок, потоа реконструкција на одделот за интензивна нега, административниот дел, реконструкција на одделот патологија и клиничка лабораторија и комплетна реконструкција на кровот. Исто така поставени се и фотоволтаични панели со што се подобрува енергетската ефикасност.

Директорот на ГОБ „8 Септември“ д-р Синиша Стојаноски рече дека опремата е таква за којашто ќе има потреба вработените коишто се дел од оперативниот блок да поминат адекватна обука, затоа што тоа е опрема којашто потоа треба да остане во наредните минимум 20 години да биде функционална и да служи во болницата. ​

Следува фазата кога сите надлежни инспекторати ќе треба да го поминат просторот за којшто претходно зборував, потоа да издадат употребна дозвола, за да ние имаме право како корисници на проектот, бидејќи ова е сопственост и на ресорното Министерство и на Владата, всушност на граѓаните на Република Македонија, да направиме технички прием. Со каква динамика ќе одат сите овие процеси, јас ќе се обврзам тековно да ве информирам. Првите интервенции коишто ќе ги направиме ќе бидат исто така презентирани во јавноста и од тој момент овој дел од оперативниот блок ќе биде ставен комплетно во функција, изјави д-р Стојановски.

Поврзани вести