
Пред некој ден пациенти од пожарот во Кочани, кои биле на лекување во Анкара, Турција, доживеале непријатности на аеродромот во Истанбул, откри премиерот Христијан Мицкоски.
Тој рече дека лично разговарал со најблиските соработници на претседателот на Турција и со Ердоган лично и се надминала состојбата.
– За дечињата кои пред два-три дена се враќаа од Анкара, коишто имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул, лично разговарав со еден од родителите, со луѓето од најблиската околина и лично со претседателот Ердоган. Се среди целата работа. Децата се вратија, а беше обезбеден транспорт од аеродром до болницата „8 Септември“ каде биле прифатени. На нивна одговорност не останаа на еднодневен мониторинг – рече Мицкоски денеска од Штип, но не прецизира за каква непријатност се работи.
Премиерот вели дека оваа работа ќе трае со години, а тој и неговите луѓе се на располагање на семејствата на загинантите и на оние кои имаат последици од трагедијата.
– Членови од кабинетот на премиерот на неделна основа разговараат со членови на семејствата на трагично починатите, но и на оние коишто се со последици од тој ужасен начин – рече Мицкоски.
Планира во следниот период лично да се сретне со нив, а вели дека на дневна основа се соочуваат и решаваат проблеми коишто се поврзани со случувањата во Кочани.
Како што соопшти Министерството за здравство на 2 мај, осум пациенти се вратија од лекување во Турција, Бугарија и Словенија, а во странство остануваат хоспитализирани уште 18 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.