Skip to main content

Мицкоски: Пријатно изненадување условите за финансирање на проектите од стратешкото партнерство со Велика Британија

Фото: МИА

И за граѓаните и за опозицијата ќе бидат пријатно изненадување условите за финансирање на проектите со Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната седица за пратенички прашања. 

За изградбата на пругата на Коридор 10 се анализираат пристигнатите финансиски понуди од, како што нагласи, врвни компании со услови кои се надевам кога ќе ги слушне опозицијата ќе се радува затоа што врз основа на тоа што го гледаме досега не биле присутни кај нас. 

-Бидејќи сме во фаза на организирање локални избори процесот малку ќе биде на пауза. Откако интерсекторскиот комитет ќе заврши со анализата ќе поставиме рамен терен и ќе се влезе во билатерални преговори и тој што е најдобар ќе добие можност да го финансира овој проект. Потоа ќе се избере компанија или компании кои што тоа ќе го направат на терен по принципот на конкурентен дијалог, се ќе биде транспарентно и јавно, рече Мицкоски. 

Тој соопшти дека на следната владина седница треба да помине информацијата со која Министерството за здравство ќе побара од Министерството за финансии да обезбеди пари за финансирање на проектот за завршување на Клиничката болница во Штип, за нов медицински факултет заедно со нов студентски дом со 200 легла во Штип, за нова болница во Кичево со здравствен дом и за целосна обнова на Клиничката болница во Тетово.

– Очекуваме според најавите, дека најголемиот дел од истите компании кои се понудија за пругата  ќе финансираат и за овој проект, рече Мицкоски.  

Како што дополни, сериозно се  размислува за третиот проект, изградбата на Чебрен и Галиште, за кој, рече, дилемата е дали да влеземе со задолжување во овој пакет и да биде 100 проценти сопственост на државата, односно да влезе под ЕСМ, или да се обидеме да мобилизираме приватен капитал бидејќи компании од Америка, Германија, Грција, Велика Британија, Турција,… веќе пројавија интерес за да формираат заедничка компанија со ЕСМ, таа да добие порција,  но без Тиквеш. Тие да изградат се, ЕЛЕМ да добие свое сопствеништво во проценти, ќе видиме колку, и сето тоа да биде проект кој ќе моблизира приватен капитал, рече Мицкоски. 

Стравува дали воопшто имаме капацитет да завршиме толкав обем на градежна работа со домашната градежна оператива, а во таа насока веќе се одржуваат состаноци со најголемите компании, бидејќи, истакна, наш стратешки интерес е да учествуваат во градење на овие капитални проекти.

-Наеднаш кога ќе се постават ваков тип на сложени работи тогаш во рамки на мозаикот ќе имаме проблем бидејќи се плашам дека можно е да порасне долгот, а да не биде солидно покриен со реализирани капитални инвестиции. Затоа мора тие процеси да ги движиме паралелно – да го качуваме капиталот на државата, БДП, а истовремено и оние средства што ги позајмуваме за да немаме зголемување на нето задолжувањето, рече Мицкоски. 

Капацитетот на градежната оператива е една од дилемите и за тоа дали да има нова финансиска поддршка за капитални проекти за општините, по двете од по 250 милиони евра.  

Вкупниот обем на инвестиции од Владата во капитални инфраструктурни проекти со двата повика изнесува 20 милијарди денари, а според него, за евентуална идна таква поддршка се прави анализа поради дилемите дали градежните компании и општините поради обемот на тековните и планираните проекти ќе имаат капацитет  повторно да влезат со вакви проекти.

Мицкоски нагласи дека првпат се случува ваков тип инвестиција директно од Владата за општините и оцени дека е пример како треба да се работи во интерес на граѓаните, се покажала политичка зрелост и разбиени се сите стереотипи. 

– Има 1200 актуелни и потенцијални градилишта што е добро за бизнисот, се градат булевари, улици, паркови, спорстки сали.  Тоа ќе додаде вредост во квалитетот на животот на граѓаните. Ако на овие 1200 градилишта се додадат останатите проекти што се во тек и тие што ќе почнат допрва што ќе дојдеме до волумен од 800 милиони евра до 1,2 милијада евра, а градежните компаниите можат да реализираат меѓу 250 и 300 милиони евра годишно, наведе премиерот Мицкоски.

Поврзани вести