
Фондот за здравствено осигурување е институција која не е само администратор на фондови туку партнер, градител, чувар на стабилноста и двигател на реформите. Мораме да бидеме искрени, оваа институција во минатото имаше сериозно разнишан кредибилитет, граѓаните гледаа поединци со пари, директори, непресметани расходи, нетранспарентни одлуки и систем кој повеќе личеше на поле за лични привилегии отколку на сервис на граѓаните, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан на кој се одбележуваат 25 години од осамостојувањето на ФЗО.
Полека, но сигурно, споредено со минатото, ФЗО го враќа својот интегритет и единствениот начин тоа да се поврати е бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, со работа, со ред, со дисциплина и со јасна одговорност. Морам да му честитам на директорот дека врши одлична работа, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека кога ја презеле одговорноста за водење на државата, затекнале здравствен систем во незавидна состојба со дефицит на кадар, нефункционални установи, недоволна опрема, долги листи на чекање и сериозно нарушена доверба кај пациентите.
Наместо тоа да биде изговор се обидовме да преземеме акција. Во изминатата година и половина, Владата покажа посветеност кон јавното здравство. Од првиот ден тргнавме со јасна цел да го обновиме, модернизираме и хуманизираме здравствениот систем. Во инфраструктурата започнавме нов бран на инвестиции, од новата амбуланта во Петровец, до реконструкција и модернизација на операционите сали во 8 Септември, како и низа реконструкции, технолошки обнови на болници ширум државата, рече Мицкоски.

Македонски








