
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамките на изборната кампања за локалните избори, денес учествуваше на трибина во општина Кочани од каде што испрати неколку пораки.
Мицкоски порача дека Владата останува партнер на општините во кои за 15 месеци, од централниот буџет се распределени околу 500 милиони евра, посочувајќи дека Кочани ќе биде во центарот на вниманието, така што веќе се работи со меѓународните партнери каде надвор од овие тековни трансфери коишто ги финансира централниот буџет за капитални инвестиции во општините, само за Кочани и регионот ќе се обезбедат дополнителни околу 100 милиони евра.
Мицкоски додаде дека ова се пари коишто ќе се вложуваат исклучиво во инфраструктурни проекти и проекти кои ќе бидат додадена вредност во животите на жителите на Кочани и овој регион.
Државата и Владата остануваат партнери на општините како ниедна претходна Влада. Во овие 15 месеци, отприлика половина милијарда евра реалоциравме од централниот буџет кон општините и не беше лесно бидејќи мандатот го започнавме со минус на сметката на Владата од 200 милиони евра. Сега е добро, тие ги вративме, сега сме 50-60 во плус и ликвидни сме како влада, ја консолидиравме таа состојба, успеавме да дојдеме до месечна ликвидност и на општините да им помогнеме со половина милијарда евра, нешто што беше незамислено и невозможно. Дел од тие пари завршија и во општина Кочани, но сакам да ви кажам дека работиме со нашите меѓународни партнери, надвор од овие тековни трансфери коишто ги финансира централниот буџет за капитални инвестиции во општините, само за Кочани и регионот ќе обезбедиме приближно дополнителни 100 милиони евра, пари коишто ќе ги вложиме исклучително во инфраструктурни проекти и проекти коишто ќе бидат додадена вредност во животите на жителите на Кочани и овој регион“, рече Мицкоски.
Премиерот исто така порача дека на овие избори се гласа само за две опции, едната е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата којашто значи работа и напредок на државата, а другата опција е коалицијата во која членуваат Венко Филипче, односно Зоран Заев, Али Ахмети и Димче Апасиев.
Исто така, Мицкоски порача дека после изборите ќе дојде вистинската одговорност и правда и секој што се огрешил ќе одговара за стореното, повикувајќи дека одговарањето пред лицето на правдата за сторените криминали, да не се толкува како политички прогон.
За сево ова да се реализира, Мицкоски повика да се излезе масовно на гласање и да се даде поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и за број 9, затоа што е време за вистинскиот избор, за твојот човек, твоето место, за твојата иднина.