
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, вечерва на скопјани и на сите други граѓани од Македонија им се заблагодари за гласовите во првиот круг од локалните избори, од маалскиот митинг во Аеродром.
Ако направиме една рекапитулација тогаш ќе дојдеме до импресивна, историска бројка од 33 општини кои во првиот круг избраа градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, наспроти три од СДСМ. Сега во вториот круг имаме 26 кандидати од кои убедливо најголемиот дел се во големо водство како што е случајот во Аеродром и во Скопје, а во неколку општини нашиот кандидат е второпласиран. Ние нема да се откажеме од ниту една општина. Ќе се бориме за секој еден глас и за секоја една општина во која имаме можност и шанса да имаме градоначалник, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ако успеат во сите овие општини, заедно со веќе освоените во првиот круг, ќе имаат добиено 59 општини на изборите.
Тоа ќе биде историско постигнување. Јас сум убеден дека ако не до таа бројка, многу блиску до неа ќе дојдеме на овој втор круг локални избори. На овие избори имаме три опции. Едната опција е коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, втората ја предводи формално-неформално СДСМ-ДУИ и третиот избор е да седиме дома. По мене најпоразителен е третиот избор.Со седењето дома вие не испраќате никаква порака. Ако некој мисли дека на тој начин покажува дека е револтиран за да привлече внимание, се лаже. Дозволува останатите кои излегле на избори да одлучуваат за неговата иднина. Тие го креираат бранот, а останатите кои останале дома, тој бран ги носи, без да имаат можност да учествуваат во креирањето, рече Мицкоски.
На граѓаните им порача да излезат и да гласаат по свое лично убедување.

Македонски









