
Се додека сум премиер на оваа држава нема да има ниту еден шатор со илегални мигранти, напротив ќе ја зајакнеме нашата борба против нелегалната миграција и ќе ги мониторираме нашите граници со нов проект Сејф кантри. Премиерот Христијан Мицкоски категорично ги отфрла гласините и обвинувањата на СДСМ дека Македонија потпишала договор со Велика Британија за депортирање на мигранти во нашата земја.
„Додека сум јас премиер нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти и нема да примаме ниту еден мигрант. Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации дека планираме да правиме било какви кампови на илегални мигранти. Тема за неуспешни апликанти на азил не е разговарана, но доколку се разговара, ќе биде одбиена од страна. Разговарано е дека заеднички ќе се бориме против илегалната миграција, изјави Мицкоски пред македонското Собрание каде присуствуваше на седницата на Постојната комисија за заштита на правата на слободите и правата на граѓанинот.“, рече премиерот Христијан Мицкоски
Мицкоски предупреди дека ги гледа салтата на опозицијата што ги прави на отворена сцена. За него е чудно што во отсуство на каква било идеја којашто може да мобилизира и да допринесе за општествениот живот СДСМ се фаќа за тема на која почиваат фундаментални темелни вредности на која почива партијата. Токму поради тоа, според него социјалдемократите со ваква кампања имаат однапред изгубена битка.
„Ги гледам овие салта, гимнастики што ги прави опозицијата на отворена сцена. Сакам да кажам дека не само што не е вистина, туку за мене претставува навистина чудно во отсуство на било каква идеја која може да мобилизира, да допринесе во рамки на општествениот живот во Македонија, тие да се фаќаат за тема која е тотален антипод на нивната политика и природно припаѓа на политиката на ВМРО-ДПМНЕ. За таа тема да водите кампања, тоа претставува однапред изгубена битка. Ние можеме да водиме кампања за зајакната антиилегална миграција. Јас ги разбирам, немаат идеја, немаат концепт, се обидуваат да се мобилизираат и сега ќе измислуваме теми, ќе растураме пердуви, ама каде од сите теми токму ја најдоа оваа која е фундаментална вредност на политиките на ВМРО-ДПМНЕ“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Претходно, петседателот на СДСМ, Венко Филипче најави онлајн петиција против мигранти во Македонија. Тој предупреди и на искуствата од Европа, а како што вели, европската статистика покажува дека со лошо спроведени политики на интеграција на мигранти се случуваат големи проблеми во државите и во општествата каде што тие доаѓаат. Тој нагласи дека цената на ваквите политики би била висока и повика граѓаните да се вклучат за зачувување на безбедноста на земјата.
„Ќе следи силна мобилизација, активност на секое ниво, секој град, во секоја општина, во секое село. Нема да дозволиме да дојдат мигранти тука по ниедна цена. Нема да дозволиме на овој начин да се загрози безбедноста и иднината на земјата. Ние сакаме развој, ние сакаме да сме дел од Европска Унија, не сакаме да сме мека на мигранти, да дојдат луѓе коишто гледаме како се однесуваат во другите земји и какви проблеми создаваат, насилства, протести, силувања, болести коишто се донесени, коишто се искоренети во многу земји многу одамна. Ние тоа нема да го дозволиме, ќе го мобилизираме секој еден граѓанин на земјава. Во следниот период ќе го заокружуваме процесот, еве веќе го заокружуваме процесот, ќе го објавиме и делот на политичкиот тим на СДСМ, меѓутоа тоа нема да биде се’. Ја отвораме вратата за секој еден граѓанин, затоа што во оваа ситуација треба да направи се’ што може секој еден граѓанин, во прашање е иднината на земјата.“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Темата со мигрантите стана жешка политичка тема во Македонија, откако неколку британски медиуми, објавија дека помеѓу Велика Британија и Македонија се воделе преговори за прифаќање на мигранти. Според британските медиуми освен Македонија, согласност имало и од Косово, додека Босна и Херцеговина и Албанија, поради безбедносни причини одбиле таква нешто.

Македонски







