Skip to main content

Мицкоски ги повика младите да аплицираат на огласите за грантови од Оперативниот план

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика младите да се пријават на огласите за грантови од Оперативниот план за вработување што Владата го усвои на седница и беше презентиран во средата. Планот предвидува вработување на 16 000 лица кои се работоспособни, но се невработени.  

-Од нив, очекуваме 65 проценти да бидат млади односно наши сограѓани на возраст до 29 години коишто, во зависност од тоа дали ќе имаат компанија по принципот ДООЕЛ или ДОО, ќе добиваат грантови, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања денеска при посетата на Институтот за јавно здравје. 

Појасни дека ако компанијата е ДООЕЛ (Друштво со ограничена одговорност – едно лице) грантовите ќе бидат до 10.000 евра, а ако е ДОО (Друштво со ограничена одговорност) – од 13.000 до 20.000 евра, во зависност од тоа колку ќе се здружуваат.

-Мислам дека ова е исклучително квалитетен чекор напред. Предвидени се 40 милиони евра, околу 2,5 милијарди денари, така што ги повикувам апликантите да се пријават на огласот, рече претседателот на Владата.

Најави нов повик за млади до 29 години од септември, кога ќе се грантират стартап бизнис-идеи што ќе ги оценува посебна комисија.

-Но, да почекаме есен и да биде уште едно пријатно изненадување за младите, додаде премиерот.

Поврзани вести