Skip to main content

Мицкоски до градоначалниците: Разгледајте ги можностите на Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош

Воспоставувањето на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините е стратешка алатка со која ја зацврстуваме имплементацијата на Националната развојна стратегија, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации и со поддршка на Владата. Овој центар не е само нова институционална структура. Тој е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на овој Ресурсен центар.

Проектот, како што појасни, има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура.

Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати. Доброто владеење е повеќе од административна функционалност. Тоа значи институции што работат со интегритет, со координација, со отчетност – како на национално, така и на локално ниво. А токму во оваа рамка, децентрализацијата е еден од најважните столбови. Зашто силни и функционални општини значат силна држава. Кога локалната самоуправа има знаење, капацитети и ресурси, таа е најблиску до граѓаните. Таа може најбрзо и најпрецизно да ги почувствува нивните потреби, да понуди решенија и да создаде заедници што напредуваат – рече премиерот.

Мицкоски рече дека иако изминатите две децении вложувале значајни напори за развој на децентрализацијата, резултатите, како што рече, сè уште не се на нивото кое граѓаните го заслужуваат. Особено во делот на квалитетните јавни услуги, управувањето со ресурсите, како и во создавањето услови за локален економски развој. Локалните власти, потенцира, се одговорни за многу клучни политики кои секојдневно го допираат животот на граѓаните и токму затоа мора да бидат силни, стручни и ефикасни.

Ресурсниот центар е нашиот заеднички одговор на овие реални предизвици. Владата, преку Министерството за локална самоуправа, создава механизам со кој општините добиваат стратешка поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и на рамномерниот регионален развој. Зајакнувањето на општините не е трошок, тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради. Само со силни општини можеме да ја изградиме Македонија која не само што ги следи европските стандарди – туку ги живее. Затоа сакам да упатам јасна порака до секој градоначалник, без разлика дали води голема урбана општина или мала рурална заедница: разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош таму каде што постојат предизвици или недостиг на капацитети. Ова не е слабост, ова е мудрост во управувањето – порача Мицкоски.

Со оваа иницијатива, како што рече, создаваме алатки, структури и знаења што ќе ја трансформираат нашата земја во модерна, функционална и одговорна држава. Тоа е, како што рече, обврска што ја преземаме кон граѓаните и тоа е реформскиот дух што ја движи државата напред.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински порача дека централната и локалната власт се подготвени да продолжат да работат во партнерство за напредокот на секоја општина и за рамномерен развој на Македонија.

Владата има програма, а Министерството за локална самоуправа работи на реализација на конкретни мерки. Градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата кои ќе бидат ставени во функција на општините. Ресурсниот центар е местото кое што ќе ги адресира потребите на општините, начините за нивно решавање, местото кое што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик – потенцира Перински.

Генералниот секретар во Владата Игор Јанушев истакна дека во рамки на програмата за поддршка на спроведување на Националната развојна стратегија, Владата поддржува 13 значајни проекти, а меѓу нив е и Ресурсниот центар за локален развојот спроведуван од Министерството за локална самуправа, кој претставува еден од најважните столбови во овој процес.

Владата во изминатиот период се постави рамноправно и партнерски покрај секоја општина. Вложуваме во локалниот развој, ги јакнеме институционалните капацитети и обезбедуваме услови во кои секој градоначаланик, секоја администрација и секој граѓанин може да добие навремена, стручна и ефикасна поддршка. Токму од ова заедничко искуство и од оваа потреба се роди идејата за воспоставување на Ресурсниот центар. Денес со неговото отворање го поставуваме темелот на една долгорочна инфраструктура на знаење – рече Јанушев.

Постојаниот претставникот на УНДП во државава Армен Григоријан потсети дека со години соработуваат со МЛС, ја поддржуваат децентрализцијата на власта и денес Владата, како што рече, се заложи и даде поддршка на понатамошната децентрализација на централната во локална власт. Соред него, тоа ќе даде добри резултати, ќе ги зајакне општините, ќе ги подобри јавните услиги и ќе поттикне инклузивен екномски раст.

Амбасадорот на Швајцарија во земјава Кристоф Зомер изјави дека во последните 13 години Швајцарија е постојан партнер во поддршката на процесите на децентрализацијата и регионалниот развој во Македонија со цел секој граѓанин каде и да живее и без разлика на неговите околности да има пристап до можности, услуги и подобар квалитет на живот.

Додадената вредност од нашата соработка не произлегува само од финансиската поддршка, туку и од принципите и нормите врз кои се темелиме: инклузивност, транспарентност, отчетност и одржливост. Заедно настојуваме да обезбедиме реформите да не бидат само привремени решенија, туку трајни трансформации кои ги зајакнуваат институциите и луѓето. Овој Ресурсен центар е јасен пример за тие вредности – истакна амбасадорот Зомер.

На настанот прусуствуваа ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова, експерти од различни области, претставници на донаторски организации и други државни институции, од УНДП, како министри и градоначалници.

Поврзани вести