Skip to main content

Меџити на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната, истакна првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во обраќањето на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.

Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.

Како што наведува Кабинетот на Меџити, Самитот што беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.

Првиот вицепремиер објави и статус на својот фејсбук профил во кој наведува дека Македонија стои на вистинската страна на историјата, „во поддршка на Украина во нејзината титанска борба за слобода и демократија“.

-Во овие тешки времиња за европскиот мир и безбедност, цврсто стоиме покрај Украина, која се бори за идеалите на слободата и демократијата.
Денес, на покана на претседателот на Украина Володимир Зеленски, престојувам во Одеса, каде што се одржува Самитот „Украина – Југоисточна Европа“, настан од исклучително значење за нашиот регион и за целиот континент. Овој самит претставува клучен момент за да ја реафирмираме нашата непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и за продлабочување на партнерството со земјите од Југоисточна Европа во едно предизвикувачко време за сите нас, пишува Меџити.

Поврзани вести