
Јавно ги прашувам Османи и Ахмети да одговорат дали ќе направат влада со „албанофобот“ Мицкоски, праша Изет Меџити, кандидат за градоначалник на општина Чаир од ВРЕДИ.
Цело време стојат пред врата и со кого сакаа да направат влада? Токму со Мицкоски. Јавно ги прашувам дали ќе престанат или ќе продолжат да стојат пред вратата на ВМРО-ДПМНЕ и пред Мицкоски да го молат, и без претседател на Собрание, со помалку министри, како што кажуваат и нивните партнери кои не се веќе со нив. Значи, дали ќе направат влада со „албанофобот“ Мицкоски, на тоа треба да одговорат јавно – рече Меџити одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски вчера од митинг во Неготино упати порака до раководството на ДУИ дека „не е албанофоб, како што тие кажуваат, туку криминалофоб кој ги презира политичките криминалци кои во политиката влегоа голтари, а излегоа милионери и се богатеа на грбот на граѓаните“.
На секој митинг ги слушам од раководството на ДУИ како ме нарекуваат ваков, таков, споменуваат орли, зајци за да последно ме наречат албанофоб. Еве јас од тука, од Неготино, би сакал и ним да им одговорам. Јас не сум ниту албанофоб, ниту каков било човек којшто е ксенофоб и којшто има проблем со етничката припадност на кој било мој сограѓанин во нашата заедничка татковина, Македонија – рече Мицкоски.