Skip to main content

Македонија се вози на половни и стари автомобили: Секој трет автомобил е во Скопје, просечната старост речиси 20 години

Во последните десет години над 80 проценти од увезените автомобили во земјава се половни, а годинава на еден нов автомобил доаѓаат дури 3,5 половни. Истовремено, бројот на регистрирани возила е речиси двојно зголемен, но возниот парк не се подмладува – напротив, старее.

Според анализата на МИА, базирана на податоците од Царинската управа и Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава се регистрирани околу 700 илјади возила, наспроти околу 350 илјади во 2012 година. И покрај растот, просечната старост на автомобилите достигна 19,4 години, што значи дека на патиштата се возат сè повеќе, но и сè постари возила.

Доминира увозот на половни автомобили

Од почетокот на годинава до сега се увезени над 62 илјади возила, од кои повеќе од 41 илјада се половни патнички автомобили. Само 12 илјади биле нови. Во последните 15 години, над 81 процент од увезените патнички автомобили биле употребувани.

Иако минатата година првпат по долго време е надмината границата од 10 илјади увезени нови автомобили, паралелно се увезени и над 41 илјада половни, што го задржува негативниот тренд.

Секој трет автомобил е регистриран во Скопје

Скопје останува најоптоварен со возила – секој трет автомобил во земјава е регистриран во главниот град. Од вкупно 699 илјади возила лани, над 229 илјади биле во Скопје. Главниот град има и надпросечен удел кај товарните возила – повеќе од 38 проценти од нив се регистрирани токму тука.

Возниот парк расте, но старее

Во 2024 година на патиштата имало над 580 илјади патнички автомобили, од кои речиси 88 проценти се постари од 10 години. Само 1,8 проценти од автомобилите биле не постари од две години. Во споредба, во 2009 година имало двојно повеќе „нови“ автомобили на улиците.

Над 455 илјади возила биле произведени пред 2010 година, што значи дека не ги исполнуваат современите еколошки стандарди.

Дизелот доминира, електричните растат, но се уште се ретки

Речиси две третини од автомобилите на патиштата се дизел – околу 63 проценти, додека бензинците паднале на околу 26 проценти. Електричните и хибридните возила сè уште сочинуваат околу еден процент од вкупниот број, но бележат најбрз раст.

Само во 2024 година, бројот на електрични возила е зголемен за 169 проценти, а на хибридните за 295 проценти, што укажува на постепена, но сè уште ограничена транзиција кон почист транспорт.

И покрај позитивните сигнали кај новите технологии, податоците јасно покажуваат дека Македонија и понатаму се потпира на половни и стари автомобили, со сериозни последици врз безбедноста, животната средина и квалитетот на живот, особено во урбаните средини.

Поврзани вести