
Почнува процесот на довршување и целосна реконструкција на зградата на Театарот при Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, соопшти денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој заедно премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, министри и пратеници го посети објектот.
Проектот, кој со години се реализираше со значителни застои поради недоволно обезбедени средства од страна на минатата власт, конечно добива целосна финансиска поддршка. Во периодот 2021 – 2024 беа инвестирани само 31 милион денари од вкупната проектирана вредност од 174 милиони денари. Денес, Министерството за култура и туризам и Владата на Македонија го комплетираат финансирањето со дополнителни 143 милиони денари, со што се овозможува непречена реализација на проектот во целост, објави Љутков.

Како што наведува Љутков, во тек е електронската аукција и по спроведената јавна набавка за избор на изведувач се очекува да почне реализацијата, завршувањето е предвидено до крајот на 2026 година.
Куманово конечно ќе добие нов, современ театарски објект – достоен простор за културна продукција и уметничко изразување на високо ниво, посочува Љутков.

Реконструкцијата ќе опфати целосна внатрешна и надворешна санација на објектот, ќе се подобри енергетската ефикасност и пристапноста за лица со попреченост, ќе се засили конструкцијата, ќе се модернизира големата сала и техничката опрема, ќе се реновираат помошните простории и галерискиот простор. Гледалиштето ќе има капацитет од 189 седишта во партерот, 35 на галерија и дополнителни мобилни трибини вкупна површина: 1.191 метри квадратни (подрумско ниво, приземје и кат).
Овој капитален проект има за цел не само обнова на еден значаен културен објект, туку и создавање на современ простор за претстави, концерти, изложби и квалитетна работа на културните работници. Театарската зграда повторно ќе стане централна сцена на културниот живот во Куманово – достапна, модерна и инспиративна за сите, објави Љутков.