Skip to main content

Лимани: Нашата визија е општество во кое секое дете има можност да расте во сигурна, грижлива и поттикнувачка средина

По повод 15 Мај Меѓународниот ден на семејството, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со амбасадорот на Република Турција во Република Македонија Н.Е Фатих Улусој, испратија силни пораки до јавноста.

Во продолжение обраќањето на министерот Лимани:  

Денес, по повод Меѓународниот ден на семејството, заедно со амбасадорот на Турција, ги реафирмираме нашите долгогодишни пријателски односи и нашата заедничка посветеност кон унапредување на семејството како основна вредност и столб на општеството.

Семејството претставува извор на стабилност, љубов и солидарност, и затоа нашата соработка се фокусира на креирање политики што ќе го поддржат неговото јакнење – преку социјални услуги, поддршка за младите генерации и развој на инклузивни и одржливи мерки.

Како институција, нашата основна задача е да обезбедиме поддршка за сите форми на семејства и да ги задоволиме нивните различни потреби.

Во таа насока, Министерството активно спроведува низа значајни иницијативи со цел унапредување на заштитата на децата и поддршката на семејствата, меѓу кои:

1. Имплементација на Европската детска гаранција, со акцент на еднаков пристап до основни услуги за најранливите деца,

2. Промоција на позитивно родителство, преку обуки, ресурси и поддршка за родителите,

3. Развој на систем за рана интервенција, насочен кон навремено препознавање и поддршка на деца со потешкотии во развојот,

4. Изработка на Национален акциски план за правата на децата (2025–2029), како стратешки документ за унапредување на детските права,

5. Законски измени за зајакнување на заштитата на децата, вклучувајќи формирање на специјализирано тело за следење на нивните права,

6. Унапредување на системот за згрижување, со отворање на нови центри за поддршка на згрижувачките семејства,

7. Изработка на нов Граѓански законик, со што ќе се унапредат семејноправните односи и ќе се приближиме до европските правни стандарди.

Нашата визија е општество во кое секое дете има можност да расте во сигурна, грижлива и поттикнувачка средина; каде што семејствата се поддржани, а младите охрабрени да ја градат својата иднина со надеж и самодоверба.

 Веруваме дека преку стратешка соработка, размена на знаења и заедничка посветеност, можеме да создадеме инклузивна, праведна и одржлива заедница за сите.

Денешниот Меѓународен ден на семејството е потсетник дека токму во семејството се темелат вредностите што го движат едно општество напред.

Да вложуваме во тие вредности – со срце, со визија и со заеднички чекори.

Поврзани вести