Skip to main content

Лимани: Да бидеме промената за луѓето кои се на маргините – денес ги поставуваме во центарот на вниманието

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денес учествуваше на Форум за зајакнување на ранливите заедници преку обука и партнерство на проектот ЦРН ЛЕБЕД- проект на Импакт Хаб од Австрија во тесна соработка со Фондацијата Сизигија од Македонија.

Проектот има за цел да овозможи младите, особено жените, лицата со попреченост и другите ранливи категории, да стекнат потребни вештини, знаења и искуства кои ќе им помогнат да се вклучат активно на пазарот на труд и да ја градат својата економска самостојност.

Министерот Лимани во своето обраќање се осврна на симболиката на насловот на проектот „Црн Лебед“ , кој што не претставува само обичен наслов туку повик за пресврт – момент кој го менува текот на настаните, текот на животот.

„Денес, тука сме за да иницираме токму таков момент. Да бидеме промената за досегашната состојба, за луѓе кои биле на маргините, а денес ги поставуваме во центарот на вниманието со акцент на младите жени и лицата со попреченост, преку обука, пракса и активно вклучување во работниот процес. Тоа се групи кои често се соочуваат со системски бариери, но кои истовремено поседуваат огромен потенцијал што нашето општество не смее да дозволи да се игнорираат,“ истакна Лимани.

Тој посочи дека Министерството посветено работи на креирање политики насочени кон целосна социјална и економска инклузија.

„Преку стратегии, програми, поддршка, субвенционирани мерки за вработување, соработка со локалните заедници и граѓанските организации, работиме на воспоставување систем кој што не само што ги препознава потребите на ранливите групи, туку активно ги отстранува пречките за нивно учество во јавниот и економскиот живот,“ порача Лимани.

Тој нагласи дека Форумот е важна платформа за дијалог, соработка и заедничко планирање. Но пред сè, потсетник дека ниту една институција, организација или поединец не може самостојно да изгради инклузивно општество. Затоа, потребен е здружен напор, јасна визија и конкретна акција.

Поврзани вести