
Растурањето на ЛДП продолжува, објави на социјалните мрежи ЛДП Центар.
На секоја седница на Централниот одбор на ЛДП, на кои е дискутабилно дали воопшто има кворум за работа, се бркаат се повеќе и повеќе членови. Всушност Централните одбори се организираат само за да се избрка уште некој од партија, се со цел да не се загрози позицијата на неспособната лидерка.
Голем број активисти, основачи на партијата, цели општински организации организирано се распуштаат, се отстрануваат од органите на партијата членови кои размислуваат со сопствена глава, се дискредитираат, се омаловажуваат сите кои јавно се спротивставуваат на грешните политики на инсталираната претседателка и нејзините послушници.
Но рационалните луѓе, кои не се во политика поради интерес, туку членуваат во ЛДП поради идеали, некој порано некој подоцна, сфаќаат дека овие погубни политики ја уништија ЛДП со такво темпо што веќе нема ни простор за корекција, со овие луѓе кои не работат ни по Статут ниту имаат вредности.
Еден во низата интелектуалци кој се повлече на последната седница на Централниот одбор е и Горан Петрушев кој важи за личност кој секогаш се истакнувал со своите ставови и никогаш не молчел на никого. Зошто до сега толерирал и поддржувал ваква анархија само он си знае но добро е што конечно се освести и јавно проговори на Централен одбор.
Исто така и Маја Костовска – Јовановска од најголемата општинска организација на ЛДП од Куманово, си поднесе оставка од членство во Извршниот одбор бидејќи и таа не сака веќе да сноси одговорност за пропаста на партијата.
Петрушев и Јовановска имаат поддршка од цел Иницијативен одбор за реформи во ЛДП. Гласот на разумот колку и да сакаат да го угушат нема да можат. Членството е со иницијативниот одбор кој за брзо време и формално ќе се конституира.
Не ни е јасно како може интелектуалец од негов габарит, борец, глас на обесправените како Никола Пановски да премолчува, да верификува распад на партијата и да се прави дека не му е јасно што се случува во партијата.
Го тргнаа од Советот на Град Скопје, му го одзедоа недостоинствено советничкото место кое го работеше чесно и одговорно и замолчува пред партиската неправда. Со ова станува соучесник и одговорен за пропаста на ЛДП, информираат од ЛДП Центар.

Македонски









