
На денешниот настан, Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“ свое обраќање на панел-дискусијата – локалната и централната власт работат за тебе, имаше заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, која ја истакна својата визија за чиста животна средина и воздух во периодот којшто следи и наведе дека животната средина и справувањето со загадениот воздух се едни од врвните приоритети во агендата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и дека министерството интензивно работи на решавањето на овој проблем.
Кога се соочивме со проблемот со загадениот воздух, моравме да донесеме еден план кој го изгласа Владата за наредните шест години, односно повеќегодишниот план за справување со загадениот воздух наречен План за справување со загаден воздух 2024-2030 година, каде што ветивме и се залагаме за решавање на овој проблем со преземање на конкретни чекори, чиишто резултати ќе ги видиме по неколку години, тоа би биле трајни резултати“, вели Лашкоска.
Заменик министерката истакна дека координацијата со локалните самоуправи е на одлично ниво, заеднички се прават планови за справување со загадениот воздух, ја потенцираше изградбата на когенеративни централи за решавање на проблемот и носењето на нови два закони кои ќе значат многу за заштита на животната средина.
Она за што се зафативме прво е изградбата на когенеративни централи, тие се единствениот начин да го решиме проблемот со загадувањето. Министерството за животна средина и просторно планирање е тесно поврзано со општините во државата и ниту еден проект не можеме да го реализираме едни без други, министерството е партнер на општините во државата. Заедно со општините направивме планови за справување со загадениот воздух, во собраниска процедура е Законот за индустриска емисија на гасови со кој ќе имаме контрола на големите индустриски загадувачи, и новиот Закон за животна средина, а со овие два закони ќе се придонесе за заштита на животната средина, рече Лашкоска.