
Фармерот Никола Колев во селото Костурино, струмичко, кој неодамна остана без своето стадо од 120 јагниња и 100 овци, кои настрадаа во надојдените води на реката Тркања, ќе биде обештетен од државата, а со помош на Сојузот на одгледувачи на овци и општествено одговорни фирми, ќе може да ја обнови својата фарма – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Трипуновски, заедно со претставници на други институции, вчера беше во посета на фармата на Колев, лоцирана во месноста „Шепово“, и најави дека тој, согласно процедурите и законот, ќе биде обесштетен од страна на Владата.
Тој рече дека Општината Струмица веќе формирала комисија која ќе направи проценка на штетата на неговиот имот.
– Дополнително, заедно со Сојузот на одгледувачи на овци, во рамки на нивното здружување, анимирани се членките. Секоја од нив, во согласност со своите можности, ќе помогне со жива стока која ќе му биде донирана на Никола – посочи министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека е во комуникација и со општествено одговорни компании од регионот, кои ќе помогнат со донација во градежни материјали за изградба на нова штала, со што фармерот ќе може да продолжи со одгледување на преживеаните овци и оние кои ќе ги добие.
Јавното комунално претпријатие ќе преземе активности за чистење на одредена каналска мрежа за да не дојде до ново поплавување.

Македонски



