
Под притисок на јавноста, Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип, во август годинава, до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител поднесе предлог за поведување на дисциплинска постапка против обвинителката Татјана Кацарова, за сторена дисциплинска повреда во случајот со противзаконитото држење во притвор на осомничено лице повеќе од 70 дена – пишува Плусинфо.
За овој случај судија на претходна постапка при Основен суд Штип на 16 јуни годинава – по поднесена жалба за судска контрола над законитоста на Основниот јавен обвинител Кацарова, во јавнообвинителскиот предмет КО бр. 84/25, кој се водел против осомничениот М.Н. од Штип, за кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од КЗ – донесува Решение со кое се уважува жалбата поднесена од бранителот на М.Н. (угледниот адвокат Стеван Павлевски), со што се утврдува незаконитост во постапувањето на Кацарова во овој предмет.
Вјолца Елмази, Наташа Сарамандова и Лиле Стефанова со шлепер путер на главите
Откако е поднесен предлогот за поведување дисциплинска постапка, членовите на дисциплинската комисија, предводени од Вјолца Елмази, претседателка на комисијата (добро позната по нејзиното скандалозно постапување во предметот за сообраќајката во Тетово, со смртни последици, каде на пешачки премин згасна еден млад живот), експресно закажуваат седница на комисијата. Иако не смееле да постапуваат, бидејќи веќе сме влезени во изборен процес.
По наредба на државниот обвинител Љупчо Коцевски, за сето ова да заврши без никакви последици по неговата миленичка Кацарова, на закажаната седница за известител на предметот против Кацарова е определена јавната обвинителка Наташа Сарамандова.
Сарамандова во јавноста е позната по предметот со украдените скапи автомобили од западно-европските земји, кои преку царински измами биле увезувани и регистрирани во Македонија. При редовна контрола над работата на Основното јавно обвинителство Скопје, од страна на Вишото јавно обвинителство Скопје, во јуни 2024 година, под надзор бил и овој предмет. Вишото јавно обвинителство Скопје констатирало дека при постапувањето Наташа Сарамандова направила големи пропусти, односно дејствија кои навлегуваат во кривична одговорност на јавниот обвинител. Таа, од необјасниви причини, за еден осомничен со иницијали В.И., кој во неколку наврати увезувал скапи возила украдени од западно-европските земји, кои на сомнителен начин се регистрирани во Македонија, донела решение со кое го ослободува од вина, односно кривичната пријава против него ја отфрлила.
Откако Сарамандова ја отфрлила кривичната пријава, заедно со една друга јавна обвинителка од Вишото јавно обвинителство Скопје, на чудесен начин, досега невиден во праксата на Јавното обвинителство, за лице кое е странски државјанин, а било во притвор, конструирала предлог на ВЈО Скопје да се уважи барањето затворскиот притвор да се замени со куќен притвор.
Иако е добро запознаен со незаконитото постапување на јавната обвинителка Наташа Сарамандова, обвинителот Коцевски – кому Парламентот му изгласа недоверба, а него мува не го лази – ја користи токму неа, за да ја спаси својата миленичка Кацарова. Тоа се потврдило со најгласното инсистирање на обвинителката Наташа Сарамандова (една од петте членки на Дисциплинската комисија) да се запре дисциплинската постапка против егзекуторката на Коцевски, обвинителката Кацарова, без оглед што Судот донел одлука дека таа постапувала незаконито.
И така, одлуката за запирање на постапката за дисциплинска одговорност против Татјана Кацарова била изгласана со три гласа за запирање. За ова одлука, покрај Сарамандова, гласале и спомнатата Вјолца Елмази (јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Гостивар) и Лиле Стефанова, добро позната по своето скандалозно поведение во многу случаи и против која во април годинава од страна на МВР е поднесена кривична пријава за изнуда, во предметот во јавноста како „Рекет 2“, продолжение на предметот „Рекет“ после кој згасна поранешното СЈО (во кое беше и Стефанова).
Кршење на законот не било ни за дисциплинска одговорност – па после се чудиме зошто довербата во правосудството ни е минус 2 отсто
Основот за запирање на дисциплинската постапка против Татјана Кацарова, наведен од страна на известителот Наташа Сарамандова, е ступиден – постапката се запира со образложение дека нејзиното незаконито постапување, утврдено со решение на Основниот суд Штип, потврдено од страна на Апелацискиот суд Штип, не било крупна професионална грешка. Држењето во притвор осомничено лице повеќе од 70 дена, спротивно на Законот, не било сериозна дисциплинска повреда?!
Само во јавнообвинителскиот пашалак на Љупчо Коцевски незаконито постапување на јавен обвинител може да не биде причина за дисциплинска одговорност!
Од извори блиски до членовите на дисциплинската комисија дознаваме дека тврдењето на Сарамандова, кое за колегите обвинители членови на Дисциплинската комисија било смешно и нелогично, било поткрепено и со комичен аргумент – демек, иако Кацарова имала вештачење за тоа какви повреди нанело лицето што го фрлила во зандана 70 дена (дека се работело за телесна повреда, а не за тешка телесна повреда, поради што притворот смеел да трае до 8 дена), кај обвинителката немало грешка, бидејќи различни обвинителства на различен начин постапувале кога имале ваков случај.
Чуле ли некогаш „генијалциве“ Коцевски, Сарамандова, Елмази и Сарамандова дека работењето, односно постапувањето на јавниот обвинител е регулирано со Законот за кривична постапка, како и со Законот за јавно обвинителство? Дали се свесни дека тврдењето дека различни обвинителства различно постапуваат во исти случаи покажува елементарно непознавање и на законите и на работата на јавните обвинителства?
Како се глупира Сарамандова – Кацарова, со укор требало да биде опомената во иднина да не постапува незаконито?!
Јавната обвинителка Наташа Сарамандова пред колегите од Дисциплинската комисија изјавила дека тоа што Кацарова осомничениот го држела во притвор повеќе од 70 дена спаѓа во групата лесни дисциплински повреди и дека за тоа подносителот на предлогот за поведување дисциплинска постапка против Кацарова, Вишиот јавен обвинител Ристо Бојаџиски, можел на поинаков начин да го реши, да ѝ напише укажување на Кацарова со коешто ќе ја укорел во иднина да не смее незаконито да постапува.
Заклучокот е јасен – тајфата на обвинителот Коцевски прави будали и од чесните обвинители и од јавноста!
Авторот на оваа приказна ќе ја заврши со којзнае кое по ред укажување до владејачкото мнозинство дека и тоа е одговорно што вакви луѓе ја водат клучната институција во македонското правосудство. Штетите од тоа се огромни, а наскоро ќе бидат и драматични. И како што Катон Постариот секој говор го завршувал со порака дека Картагина мора да се уништи, авторот и оваа сторија ја завршува со апел – впрочем, Љупчо Коцевски мора итно да се разреши од позицијата државен јавен обвинител!