
Ете бидна и таа средба меѓу Трамп и Путин. За Украина. Која не беше присутна на средбата. А и зошто би била? Таа не ја почна војната, туку ја почнаа Обама и Нуланд. Па ја продолжи Бајден. Украина е само топовско месо за кое е резервирано место на гробиштата, а не на масата.
Така отприлика било и со Македонија во Букурешт пред 112 години. Додуше, сега Украина има кој да ја претставува, каков и да е тој. Македонија немало кој да ја претставува. Зашто додека другите народи околу нас создавале држави, ние сме седеле дома. Или по кафеани. „Остај таа работа“, велеле. „Не е тоа за нас“. Со исклучок на оние херои, за кои пишував на 2 август, а од кои повеќето изгинале.
Така беше и во 1991-та. Нашиот врв и тогаш не беше нешто расположен за самостојна држава. Не е тоа за нас, шепотеа, додека јавно се удираа в гради. Каде можеме ние без Југославија, велеа, пишува Дарко Јаневски во својата колумна.
СДСМ беше за федерација, ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо, на Снешка бизнисменот, кој подоцна ветуваше дека ќе ги врати украдените фабрики на работниците, сакаше конфедерација. Киро Глигоров со Алија Изетбеговиќ предлагаше еден план наречен „два плус два плус два“, што подразбираше еден статус за Словенија и Хрватска, друг за БиХ и Македонија, трет за Србија и Црна Гора. Ама се заедно да биде Југославија. И, ако не беше решеноста на Геншер да ги признае Хрватска и Словенија и да ја растури СФРЈ (од свои причини, и на крајно непромислен начин што доведе до неколку стотини илјади мртви, дузина воени злосторства и економско назадување од кое Македонија, според моите некогашни истражувања се поврати дури во 2008-та, но тоа е сосема друга тема), ние и денес ќе седевме по кафеани и ќе велевме: „Остај, не е тоа за нас!“
Затоа и немавме место на масата. Не на оваа, на Трамп и Путин, туку на онаа кога се носеше Лисабонската декларација од која се почна. Немаше место на масата ни после тоа, иако создаваа привид како да сме таму. Ние бевме таму, но само слушавме што ќе ни кажат. Променете знаме – добро ќе го промениме. Прифатете Времена спогодба. Добро – ќе ја прифатиме. Бидете ФИРОМ за само два месеци. Добро, ќе бидеме за 20 години. Еве ви го Заев и бидете Северна, добро ќе бидеме.
Но, фала му на Бога, тоа полека се менува. Францускиот предлог со бугарските протоколи барем помина со масовни демонстрации. На „шарената банда“ никогаш нема да и го заборавиме злото, останува само јадот во душата зашто уште не сме им вратиле за тоа зло. Тоа што нема да им заборавиме, нив не ги секира многу. Но, да им се врати – е тоа би било друго. Не може Рускоска и Кацарска и денес да бидат „почитувани“ членови на ова општество. Не може бандата шарена и натаму да е влијателен дел од оваа држава. Постојат цели сегменти каде тие и натаму „палат и гасат“. Не може Заев и натаму да е „угледен“ бзинисмен, сега не само во рамки на Македонија, туку и надвор од неа. Дури до Дубаи, пишува Јаневски.
Целата колумна на ФБ профилот на Дарко Јаневски