
Министерке Јаневска, симболично на 5 Октомври – Светскиот ден на учителите, започна националната кампања „Магијата е во знаењето“ која за кусо време го привлече вниманието на јавноста со силна порака. Што е главната цел на оваа иницијатива?
Јаневска: Главната цел на кампањата е да ја потсетиме јавноста на суштинската и незаменлива улога на наставниците во општеството, на луѓето кои не носат наметки, но секојдневно создаваат магија. Во време на брзи општествени и технолошки промени, потребно е да ја зајакнеме свеста дека образованието не е само пат до диплома, туку основа за личен и општествен напредок.
Со оваа иницијатива сакаме да отвориме простор за искрен и сеопфатен разговор за тоа како ја третираме наставничката професија – дали доволно ги цениме оние што секојдневно ги обликуваат нашите деца, не само интелектуално, туку и етички, емоционално и културно. Магијата зад секоја петка е трудот, трпението и љубовта на наставникот, а секое дете не е број – туку приказна. Токму овие пораки ја носат суштината на кампањата.
Сакам да напомнам дека нашата цел не е само инспиративна, туку и системска. Сакаме оваа порака да води кон конкретна промена: во ставовите, во институционалната поддршка, и во креирањето политики. Време е како општество да си кажеме едно јасно: „Време е да им се заблагодариме и да ги поддржиме наставниците“ – со зборови, со дела, со системска грижа.
Која е пошироката стратегија зад кампањата, како Министерството ќе ја прошири нејзината реализација во периодот што следи?
Јаневска: Кампањата не е еднократен медиумски настан, туку е дел од подолгорочна стратегија за воспоставување трајна промена во перцепцијата на јавноста кон образованието и наставниците. Во следните месеци, таа ќе се реализира низ серија тематски панел дискусии, на кои ќе учествуваат наставници, родители, ученици и претставници од институции. Панели ќе се одржат во Прилеп (26 октомври), Тетово (2 ноември), Куманово (16 ноември), Струмица (30 ноември) и повторно во Скопје (7 декември). На овие тематски настани директно ќе разговараме со наставничката заедница, ќе имаме можност да слушнеме што им е потребно, каде се клучните проблеми, со какви предизвици се соочуваат, но и ќе споделиме што досега е направено и што ќе следува во насока на подобрување и зајакнување на статусот на наставниците и условите за работа. Во рамки на кампањата, преку социјални медиуми и традиционални канали, ќе продолжиме да ја шириме пораката дека наставникот не е само професија, туку мисија која заслужува почит, доверба и силна институционална поддршка.

Несомнено дека е забележлива заложбата на Владата и Министерството за подобрување на статусот на наставниците. Кои се најзначајните чекори што досега се преземени?
Јаневска: Оваа Влада сериозно пристапи кон образованието како стратешки сектор. Во изминатите 15 месеци, направивме конкретни и мерливи чекори за подобрување на статусот на наставниците. Платите на наставниците во основното и средното образование пораснаа за 12%, а кај универзитетските професори зголемувањето беше 14%. Ова е показател на нашата заложба, не само со зборови, туку и со дела. Истовремено, воспоставивме систем за кариерен напредок, со можност наставниците и стручните соработници да се стекнат со звања како советник и ментор, што не само што носи професионално признание, туку и финансиски стимул.
Организиравме голем број обуки за професионален развој и го зајакнавме партнерството со високообразовните институции и стручните здруженија. Истовремено, вложивме над 67 милиони евра во образовната инфраструктура, односно за реконструкција и опремување на училишта, што директно влијае на условите за работа на наставниците и учењето на учениците. Сето ова се дел од нашата посветеност да создадеме средина во која наставниците се мотивирани, поддржани и препознаени како интелектуален авторитет.
Кампањата зборува и за моралната и општествена вредност на наставниците. Што, според Вас, е потребно, освен повисоки плати, за да им се врати достоинството на просветните работници?
Јаневска: Финансиската стабилност е важна, но достоинството не се мери само во плати, туку во начинот на кој целото општество се однесува кон наставниците. Вистинската промена доаѓа кога и родителите и медиумите и институциите ќе почнат да зборуваат за наставникот со почит и доверба. Министерството работи и на тоа ниво, во насока на подигнување и јакнење на свеста дека наставникот е клучен фактор во изградбата на општеството. Затоа, преку кампањата, но и преку конкретни мерки, сакаме да ја подигнеме перцепцијата за нивната улога. Создаваме систем во кој наставникот има можност за постојан професионален раст, вклучен е во креирање на политики и добива поддршка кога се соочува со предизвици во училницата. Преку вклучување на локалните заедници, образовните институции и самите ученици, работиме на тоа наставникот повторно да биде гледан како водилка, а не само извршител на програма. Секоја реформа што ја правиме ја има и таа невидлива, но суштинска компонента, а тоа е зајакнување на моралната и општествената поддршка за луѓето кои го носат образованието на свој грб.

Дали и каква улога играат родителите и учениците во оваа кампања? Како планирате да ги вклучите?
Јаневска: Наставникот не може да биде сам во процесот на воспитување и едукација. Затоа, од клучно значење е тројниот сојуз: наставници, родители и ученици. Во рамки на кампањата, преку панелите и локалните активности, ќе отвориме можност и за родителите и тие да споделат мислења, да слушаат, но и да се информираат за реалноста во која функционира наставничката професија. Учениците ќе бидат вклучени преку училишни работилници, креативни конкурси, видеа и интерактивни содржини. Важно е тие уште од мали да разберат што значи да си наставник, што стои зад секоја оцена и зошто почитта кон знаењето е темел на личен успех. Започнатата кампања не е само порака, туку процес на градење систем на вреднување во кој секој чинител има своја улога.
Какви се очекувањата по завршувањето на оваа кампања и кои се следните приоритети на Министерството?
Јаневска: Искрено верувам дека оваа кампања ќе остави трајна промена во односот кон наставниците и институционално и општествено. Сакаме да ја вратиме довербата, да отвориме простор за дијалог, но и да испратиме силна порака дека оваа професија е иднина, а не минато. По завршувањето на кампањата, продолжуваме со системските реформи: дигитализација на образованието, нови програми за обука на наставници, мерки за справување со насилството во училиштата и секако, нови инвестиции во образовна инфраструктура. Гледаме на образованието не како на сектор кој троши ресурси, туку како двигател на економскиот и општествен напредок. Затоа, нашата работа не завршува со оваа кампања. Напротив, со неа само го отвораме патот за посеопфатна трансформација на образовниот систем, каде наставникот ќе биде во центарот, со сета потребна поддршка и признание.