Меѓународниот балкански универзитет доби нова библиотека а на свеченото отворање министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека ова ново катче ќе им биде привлечно на студентите, затоа што ќе им го олесни пристапот до потребните книги, бази на податоци, дигитални материјали и сé друго што им треба за да учат и истражуваат.
Сакам да ја нагласам важноста на вложувањето во академски капацитети. Тоа ја покажува посветеноста на вискообразовните институции кон студентите и заложбата за нивна квалитетна едукација. Колку поразновидни извори на знаење користи студентот, толку пошироко и подлабоко ќе биде неговото знаење“, укажа Јаневска, додавајќи дека само држави кои имаат добро образуван кадар можат да се надеваат на економски развој и просперитет.
Министерката посочи дека компаниите кои вложуваат во образованието на дело ја покажуваат својата општествена одговорност и помагаат во надградувањето на воспитно-образовниот систем. Поттикнувајќи и други компании да најдат креативни начини за инвестирање во образованието, Јаневска наведе дека тоа се инвестиции кои сигурно се враќаат.