Skip to main content
L-ARBeGHvXI

Филипче: Ќе ја освоиме власта, ќе ја вратиме во рацете на граѓаните

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче во поткастот „Риштази” на Коха, порача дека Мицкоски нема право да го блокира европскиот пат на 2 милиони граѓани. Филипче посочи дека членството во ЕУ е повеќедецениски стремеж на државата и граѓаните, и никој нема право да го запре, се вели во соопштението од СДСМ.
 
„Како има тој човек право да го запре повеќедеценискиот пат на државата? Од каде му е тоа право? Што си мисли, дека е монарх некој? Па овде живеат 2 милиони луѓе кои што од 1991 година имаат стратешка цел. Кој е Христијан Мицковски да каже не? Каков е тој предавник и на стратешките, и на националните интереси на државата? Од кај му е таа храброст или од кај му е тој политички или морален или било каков легитимитет? Со тие изјави, оваа власт ниту има политички, ниту морален легитимитет повеќе да води оваа држава“, истакна Филипче.

Тој додаде дека владата на ВМРО со секој чекор покажа дека не сака државата да продолжи по европскиот пат, со што го ускратува правото на граѓаните од придобивките од ЕУ, а државата се уназадува и изолира. Во поткастот Филипче посочи дека придобивките од ЕУ, ќе се почувствуваат и во процесот на преговори и реформи, кој, како што рече, носи видлив напредок за државата и граѓаните.

„Самиот процес на пристапување има една посебна убавина, дури многу поголема од самото членство во Европа. Зошто? Поради тоа што во тој процес на пристапување кога се одвиваат преговорите, тогаш се менува земјата видливо, ќе стигнат фондовите, ќе почне да се инвестира во инфраструктурата, ќе останат повеќе пари за социјалните сфери, за платите, за пензиите, поради тоа што од структурните фондови во Европа ќе има пари за училишта,за болници, за патишта, за пруги, а не како сега, преку скапи и нетранспарентни кредити“, истакна Филипче.

Притоа, тој потсети дека земјите од регионот кои станале членки на Европската Унија успеале да ги реформираат своите системи преку усогласување со европското законодавство, што на владата на ВМРО не и одговара.

„Мора да се направат реформи во системот пред се правосуден, поради тоа што граѓаните тоа го барат. Тие реформи не можат да се направат без пристапните преговори со Европската Унија. Тие системи се реформираат само со приближување на нашето законодавство кон европското, со интензивна работа, со носење на закони и директиви, исто како во Европската Унија, така како што сега интензивно, последно работи Црна Гора, за жал кај нас тоа не се случува. Зошто? Поради тоа што на оваа власт и одговара да нема контрола. На сите им е јасно дека без европско правосудство овде работите нема да мрднат, за жал“, рече Филипче.

Филипче: ВМРО изгуби над 150.000 гласови, затоа се обидуваат да го делат СДСМ

ВМРО изгуби над 150.000 гласови, затоа се обидуваат да го делат СДСМ преку некакви платформи, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вчерашниот поткаст „Риштази“ на Коха.

Филипче посочи дека ВМРО, по падот на поддршката, се обидува да создаде поделби во СДСМ, но порача дека партијата се консолидира и расте.

„Поддршката на ВМРО сериозно паѓа. Тие веќе изгубија над 150.000 гласови. И затоа сега дополнително се обидуваат преку некакви платформи, некакви наши членови на СДСМ, коишто немаат никаква забелешка, ниту пак напад на владините политики, да се занимаваат со СДСМ. Сакам јавно и јасно да порачам, нема да им успее. Нема да дозволам да се формира нов ЗНАМ. Затоа што станува збор за уценети луѓе кои не знаат што да направат и ги слушаат директивите од Белата палата“, рече Филипче.

Тој додаде дека поддршката за СДСМ расте, дека сè повеќе членови се вклучуваат во партиските активности и потенцираше дека ќе ја врати власта во рацете на граѓаните.

„Луѓето сè повеќе се враќаат во партијата. Како млади луѓе, од коишто го формиравме антикорупцискиот тим, така и интелектуалци, граѓани итн. Има сè поголема поддршка и дебата за предлог-програмата којашто ќе ја промовираме на 7 јуни. Не само што СДСМ нема да ја снема, туку ќе ја освоиме власта, ќе ја вратиме во рацете на граѓаните, а криминалците од оваа власт, на чело со Христијан Мицкоски, нема да избегаат како Груевски, туку ќе одговараат“, потенцираше Филипче.

Поврзани вести