Skip to main content

Филипче: Глигоров веруваше во силата на дијалогот и помирувањето – вредности кои се подеднакво важни и денес, кога треба да продолжиме да работиме на заедничката иднина на државата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, оддаде почит на одбележувањето на годишнината од смртта на првиот претседател на државата, Киро Глигоров.

– Денеска се сеќаваме и оддаваме почит на првиот претседател, Киро Глигоров. 
Неговите вредности и државничките одлуки оставија траен белег во нашето општество и претставуваат патоказ за идните политики за напредок и просперитет на државата, истакна Филипче.

Претседателот Глигоров, нагласи претседателот на СДСМ, е симбол на мудрост и визионерство, и неслучајно многумина го нарекуваа „Таткото на нацијата“. Во најтешките моменти, кога државата се соочуваше со предизвиците на независноста, тој направи историски  чекори кои беа важни за иднината на државата.

– Глигоров веруваше во силата на дијалогот и помирувањето – вредности кои се подеднакво важни и денес, кога треба да продолжиме да работиме на заедничката иднина на државата. Ние, како генерација, сме должни да ја продолжиме неговата визија за напредна и демократска Македонија, да ги надминеме сегашните предизвици и да изградиме подобра иднина за сите наши граѓани. Вечна му слава, посочи Филипче.

Првиот претседател на самостојна и независна Македонија, Киро Глигоров почина на денешен ден пред 13 години.

Роден е на 3 мај 1917 година во Штип и тој има активна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање.

По референдумот одржан на 8 септември 1991 година на кој граѓаните се изјаснија за независна и суверена држава, Глигоров на 25 јануари 1991 година е избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија.

На 7 март му го доверил мандатот на Никола Кљусев за формирање на првата влада, а по донесувањето на Уставот, сите активности за меѓународното признавање на Македонија ги презел Глигоров.

На 3 октомври 1995 година, врз него беше извршен атентат во Скопје. По неколкумесечното лекување, на 10 јануари 1996 година Глигоров се врати на својата претседателска должност.На 17 ноември 1999 година го завршува неговиот втор претседателски мандат на 82 годишна возраст. Почина на 1 јануари 2012 година на 94 години во својот дом во Скопје. Добитник е на бројни меѓународни награди и признанија – ценет и вреднуван за својата работа од целиот свет. 

Поврзани вести