Skip to main content

Европската Унија ја потврди успешната реализација на дигиталните реформи во Македонија

Министерството за дигитална трансформација ја поздравува одлуката на Европската комисија за одобрување на второто ослободување средства за Република Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, во вкупен износ од 16 милиони евра.

Европската комисија во рамките на сопствената техничка процена оцени дека четири реформи се успешно реализирани, од кои три се во областа на дигиталната трансформација, што претставува значајно признание за реформските процеси предводени од Министерството за дигитална трансформација, соопштија денеска од Министерството.

Овие активности, како што се наведува во соопштението, опфаќаат усвојување на Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, целосно усогласен со европската директива за сајбер-безбедност (NIS2), усвојување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се воведува европскиот модел на дигитален идентитет и донесување на Законот за архивски материјал, со кој се воспоставува правна рамка за електронско архивирање во јавната администрација.

Оваа одлука претставува конкретна потврда дека европските институции ја препознаваат и поддржуваат нашата работа во насока на создавање безбедна, поврзана и модерна дигитална држава. Реализираните закони поставуваат темели за долгорочна трансформација на јавната администрација и создавање подобри, побрзи и посигурни услуги за граѓаните, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Од вкупниот износ, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, додека преостанатите средства се наменети за инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со реализација на останатите реформски активности утврдени во рамките на Инструментот за реформи и раст, со цел целосно усогласување на националните политики со европската дигитална агенда и рамката на Дигиталната декада 2030. 

Поврзани вести