
Европските пратеници во своите излагања по презентацијата на Нацртот-извештајот од страна известувачот на Комитетот на надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за земјава, Томас Вајц, изразија поддршка за македонската евроинтеграција, но ја нагласија и потребата од усвојување на уставните измени и спроведувањето на реформите потребни за приближување до ЕУ, јави дописникот на МИА од Брисел.
Словенечкиот европратеник Матеј Тонин од Европската народна партија (ЕПП) и известувач за земјава во сенка оцени дека таа постигнала значителен напредок на европскиот пат изминативе години и ја зајакнала својата конкурентност преку спроведените реформи, пред се во дигиталната трансформација, економската политика и транспортот.
– Ги поздравувам иницијативите, како инструментот за претпристапна помош, Планот за раст на Западниот Балкан и Дијалогот „Жан Моне“, кои помогнаа земјата да се донесе поблиску до евроинтегративниот процес, истакна Тонин.
Според него, од клучно значење е земјата да ги преземе своите одговорности и да ги спроведе уставните измени и клучните реформи, вклучително и во зајакнувањето на владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, администрацијата, медиумите, изборното законодавство и зајакнувањето на контролата врз разузнавачките и безбедносните служби.
– Треба да се потрудиме да направи се за да го поддржиме патот на Македонија кон ЕУ, заклучи Тонин.
Холандскиот европратеник Тијс Ројтен од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и исто така известувач во сенка за земјава истакна дека „судбината на Македонија е во Европската Унија“.
Ројтен додаде дека при неодамнешната посета на Скопје на неговите колеги во Собранието им порачал дека по една година не би сакал одново да ги слуша истите дискусии, нагласувајќи дека очекува некаков напредок во следниве месеци, затоа што нема време за расправи.
– Се надевам дека уште при подготовката на овој извештај ќе видиме добри вести што ќе дојдат од Скопје, истакна Ројтен.
Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) оцени дека во Нацрт-извештајот предложен од Вајц треба да бидат извршени серија измени, за во него да се одрази заедничката позиција на Европскиот парламент.
Според него, извештајот е „премногу позитивен“, во услови кога во земјата „се гледа назадување“, особено со изјави насочени против ЕУ и нејзините институции.
– Македонија е на крстопат и нејзината европска иднина зависи единствено и само од волјата на властите во земјата за да ги спроведат неопходните законски измени за да може да се почне со суштинскиот договорен процес. Конечниот текст на извештајот, според мене, треба да ја одразува таа објективна реалност, истакна Валчев, додавајќи дека обидите за предоговарање на преземените обврски и одлагање на нивното спроведување „се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни“.
Романскиот европратеник Дан Барна од либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) оцени дека предложениот извештај за земјава е „балансиран и сеопфатен“, посочувајќи дека се потребни дополнителни реформи во сферата на владеењето на правото и правосудството, како и во зајакнување на слободата на медиумите.
– Мора да ги поздравиме посветените напори на Македонија да донесе одлуки за намалување на тензиите со соседите. Останува на сите страни да ги имплементираат тие одлуки, додаде Брана.
Кипарскиот европратеник Гиоргиос Георгиу од редовите на Зелените истакна дека извештајот на Вајц е фер, најавувајќи дека неговата пратеничка група ќе даде конструктивен придонес во расправата за усвојување на предложениот текст.
Како клучни забелешки, Георгиу ги наведе владеењето на правото, транспарентноста, соработката меѓу властите и граѓанското општество, независноста на судството, борбата против корупцијата и почитувањето на основните права и родовата рамноправност.
– Генерално гледаме и многу пречи затоа што законодавството на земјата не е усогласено со Европската конвенција за првата на лицата со посебни потреби, додаде Георгиу.
Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од групата Европа на суверени нации (ЕСН) забележа дека застојот во напредокот на Македонија е „директен резултат на недостигот на политичка волја во Скопје за исполнување на преземените обврски“.
– Причините за тоа не се неоправдани, како што се тврди во нацрт-извештајот. Тие се јасно наведени во Преговарачката рамка што ја прифати Македонија, истакна Стојанов.
Според него, докази за назадувањето на земјата е тоа што шест месеци по укинувањето на етничкиот балансер од страна на Уставниот суд, Владата се уште не предложила алтернативно решение, како и постоењето на антибугарска реторика „поттикнувана од медиуми и официјални лица, што е во спротивност на европските вредности“.
– Пристапувањето на Македонија кон ЕУ не зависи од билатерални спорови, туку е прашање на преговори со Европската унија. Европскиот консензус од 2022 година предвидува комплекс од мерки, чие усвојување е од суштинско значење, заклучи Стојанов.
Тој истакна дека внесувањето на Бугарите во Уставот е „прв чекор, а не ново барање“, додавајќи дека довербата на ЕУ зависи од почитување на она што е договорено и земјата мора да ја манифестира својата подготвеност за тоа со конкретни дела, а не само со зборови.
Шефот на делегацијата на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, хрватскиот европратеник Карло Реслер од ЕПП оцени дека мора да се признае долгиот и фрустрирачки пат на земјата кон европската интеграција и да се реафирмира поддршката на Европскиот парламент.
– Проширувањето повеќе не е само бирократски процес, туку и стратешка релевантност, истакна Реслер.
Според него, земјава се докажа како посветен партнер и со усогласувањето со надворешната и безбедносна политика на ЕУ ја покажа својата посветеност на европските вредности. Реслер порача дека и покрај сите блокади и предизвици земјата треба да продолжи со спроведување на реформската агенда.
Неговиот сограѓанин и сопартиец Давор Иво Стиер порача дека покрај на спроведувањето на уставните измени, треба да се обрне внимание и на гласањето во ОН во однос на резолуциите за Украина и да се преиспита „геополиитчката ориентација на земјата“.
Бугарскиот европратеник од ЕПП, Андреј Ковачев, пак, истакна дека мора да се посвети внимание и на македонскиот Закон за невладините организации, со кој, како што рече, со одлуки на Министерство за правда „се затвораат само бугарските здруженија“, како и на „појавите на отворена дискриминација на граѓаните со бугарски идентитет“, појава што, според него продолжува.
Претставничката на Европската комисија, Зигрид Брекел порача дека ЕК и натаму останува на политичките цели за почеток на преговорите со земјава по Првиот кластер – Основни вредност што е можно поскоро, штом бидат исполнети релевантните критериуми поставени од Европскиот совет.
– За да се случи тоа, мора да бидат усвоени уставните амандмани. Паралелно мора да се интензивираат и реформите поврзани со ЕУ, нагласи Брекел, потенцирајќи ги како приоритети зајакнувањето на независноста на судството и на борбата против корупцијата.
Според неа, видлива е посветеност на земјата на европската интеграција како стратешка цел, со активен ангажман во врска со Планот за раст преку Реформската агенда со 130 чекори за реформи, како и преку преземените конкретни чекори во борбата против организираниот криминал.
Зузана Михалцова Сутјакова од Европската служба за надворешни работи оцени дека предложениот извештај претставува фактички и балансиран приказ на актуелната состојба, при што ја поздрави целосната усогласеност на земјава со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, особено во делот на санкциите кон Русија и Белорусија и пружањето воена помош на Украина, како „доказ за практичната посветеност на европските вредности и меѓународната стабилност“.
Таа ја нагласи и потребата од реформи поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата и од обезбедување политички консензус за спроведување на уставните измени.
– Македонија мора да го искористи актуелниот момент во проширувањето и да обезбеди напредок во преговорите за членство. Ова е клучна можност, што не смее да се пропушти, додаде Михалцова Сутјакова.
Инаку, сите европратеници и говорници во своите излагања изразија сочувство и солидарност до земјава за жртвите во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, со порака настанот да не се политизира и со надеж дека одговорните за оваа трагедија ќе бидат казнети.
Сега европратениците имаат право да достават амандмани на предложениот текст на овој нацрт-извештај најдоцна до 27 март, а за усвојување на неговата конечна верзија би требало да се гласа на 13 мај.