Skip to main content

Еднаков пристап до квалитетно образование, инклузивност, грижа за добро ментално и физичко здравје на младите: МОН со нова Стратегија

МОН

Повеќе институции, образовни установи, претставници на граѓанскиот сектор и меѓународни партнери на министерството за образование и наука започнаа со изработка на нова Стратегија за образование која ќе има важност од 2026 до 2032 година. На првата работна средба, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска рече дека документот треба да обезбеди континуитет на тоа што било добро досега, да го модифицира тоа што не ги исполнило во целост очекувањата и да овозможи интегрирање на новите глобални образовни трендови и стандарди кај нас.

Стратегијата ќе се фокусира на обезбедување еднаков пристап до квалитетно образование за сите, на инклузивноста, грижа за добро ментално и физичко здравје на младите, усогласеност на образовните политики со пазарот на труд, дигитализација, дигитална и медиумска писменост и примена на нови технологии – рече Јаневска, потенцирајќи дека Македонија мора забрзано да спроведе покрупни промени, имајќи предвид дека и Европската комисија имаше забелешки за бавниот развој на образованието во изминатите неколку години.

Министерката изрази благодарност до сите партнери, кои како што рече, имаат својастручност и искуство во градење стратегии, креирање политики и нивна имплементација. Особено се заблагодари на четирите клучни поддржувачи – УНИЦЕФ, УНДП, Светска банка и ГИЗ, со кои потпиша официјално писмо за поддршка.

Само со издржан стратешки документ, базиран на точни анализи, податоци и факти, можеме да изградиме поквалитетен национален образовен систем. А јас, како ресорен министер уверувам дека Владата ќе биде на висина на задачата и ќе обезбеди доволно ресурси за сé што треба да ги поместиме работите напред – додаде Јаневска.

Поврзани вести