
На сите 27 гласачки места во општина Дебар непречено се одвива изборниот процес, во рамки на вториот круг од гласањето за градоначалник, со излезност идентична како и во првиот круг.
-До 9 часот правото на глас го остварија 287 граѓани што е 1 отсто од вкупно запишаните 19762 во единствениот избирачки список. Во првиот круг до 9 часот правото на глас го искористија 242 гласачи, што е идентичен процент со денешниот, рече Рилинд Хаса претседател на општинската изборна комисија.
Споредено со вториот изборен круг на минатите локални избори, во ноември 2021 година, излезноста е помала. Тогаш до 9 часот правото на глас го оствариле 480 граѓани што беше 2,5 отсто од вкупно запишаните 19.211 во единствениот избирачки список.
Според Хаса, изборниот тек минува без проблеми и како комисија очекуваат така да биде до завршување на истиот. Поголема излезност вообичаено се очекува во попладневните часови.

Македонски







