Skip to main content

Честитка од претседателката по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, им го честита Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври, потсетувајќи на историското значење на делото на македонските револуционери и нивната борба за слободна и самостојна држава.

„Животот во слобода, мир и демократија не ни е подарен, туку е извојуван од нашите предци – македонските револуционери“, порача претседателката, додавајќи дека Републиката преку Уставот им гарантира посебни права на сите кои се бореле за самобитноста и државноста на македонскиот народ.

Сиљановска-Давкова истакна дека денешниот празник е потсетник на обврската да се продолжи револуционерното дело – не со оружје, туку со револуционерна мисла, знаење и реформи, насочени кон градење современа, демократска и европска Македонија.

„Ние немаме друга татковина, освен онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што ѝ припаѓа – во Европа“, порача таа.

Претседателката ги повика граѓаните да го чествуваат празникот со чувство на гордост и одговорност, негувајќи ги вредностите врз кои е изградена државата – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста.

„Нека ни е вековит празникот“, завршува честитката на Сиљановска-Давкова.

Поврзани вести