
Авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје синоќа се соочи со сериозни прекини, откако беше забележан опасен метеоролошки феномен познат како „wind shear“ – нагла промена на брзината и насоката на ветерот, која претставува директна закана за безбедното слетување на авионите.
Според првичните информации, најмалку два лета, еден од Истанбул и еден од Венеција, синоќа не успеале да воспостават стабилен приод кон пистата во Скопје. Поради ризикот од несигурно слетување, двата авиона биле принудени да се пренасочат кон аеродромот во Приштина.
Особено драматична била ситуацијата со летот од Венеција, кој повеќе од еден час кружел над Скопје обидувајќи се да најде погоден прозорец за слетување. Но поради постојаното присуство на „wind shear“ и нестабилниот воздух над пистата, екипажот донел одлука за пренасочување.
Авиосообраќајот останува нарушен и во следните часови, а патниците се повикуваат редовно да ги проверуваат известувањата од своите авиокомпании за нови информации и промени во распоредот.
Според најновите информации феноменот е сѐуште актуелен. Утрово еден авион од Ларнака и еден од Истанбул мораше да кружат неколку пати околу аеродромот за да најдат погоден момент за слетување, без нагли промени на ветрот. Во моментот на објаввањето на оваа вест, нивното доцнење беше повеќе од 30 минути.
Што е „Wind shear“ и какo настанува?
Стручњаците потсетуваат дека „wind shear“ е еден од најопасните метеоролошки феномени за пилотите и може да предизвика нагло губење на висина при финалниот приод, што го прави секое слетување потенцијално ризично. Аеродромските служби внимателно ја следат состојбата и ги преземаат сите неопходни мерки за безбедност на патниците и екипажите.
„Wind shear“ е појава што во авијацијата се смета за една од најопасните атмосферски состојби, особено во моментите на полетување и слетување. Се работи за нагла и остра промена на брзината или насоката на ветерот во многу мал воздушен простор, што може драматично да го наруши стабилниот лет на авионот. Оваа промена може да биде вертикална – кога различни слоеви на воздух се движат со различни брзини – или хоризонтална, кога силни налети доаѓаат одстрана и го „туркаат“ леталото од планираната траекторија.
Таквите турбулентни услови најчесто се поврзуваат со развој на буреносни облаци, грмотевични системи, атмосферски фронтови или т.н. микропоројни спуштања на воздух, кои одеднаш го менуваат однесувањето на воздушните маси. Во такви ситуации, авионот може накратко да ја изгуби потребната потисна сила, што ги става пилотите пред сериозен проблем да го стабилизираат леталото.
Во суштина, wind shear претставува момент во кој небото „се менува“ нагло и без најава, создавајќи услови во кои сеоја грешка се плаќа скапо. Во такви ситуации клучна е брзата реакција на пилотите, нивната способност за проценка и донесувањето правилни одлуки.

Македонски








