
Анел Фидоски е избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство Скопје, одлучи Советот на јавни обвинители на денешната седница. Тој доби поддршка од седум членови на Советот, додека досегашниот раководител Гаврил Бубевски, кој конкурираше за нов мандат, освои пет гласа.
Со оваа одлука, Фидоски ќе застане на чело на најголемото обвинителство во државата, институција која постапува по најголем број и најсложени кривични предмети и која е под постојан фокус на јавноста.
Анел Фидоски во јавноста е познат како обвинител со учество во неколку високопрофилни и општествено чувствителни случаи. Меѓу нив е гонењето за убиството на Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“, како и предметот против поранешниот премиер Владо Бучковски за случајот „Тенковски делови“, кој заврши со застарување поради преквалификација на кривичното дело. Во периодот додека Фидоски ја водеше истрагата, еден од обвинетите, Јетон Љужа, ја напушти државата и стана недостапен за органите на прогонот.
Фидоски беше вклучен и во постапките поврзани со случајот на малата Тамара од Велес, која почина додека чекаше државна помош за лекување во странство, каде што се водеа истраги против повеќе лекари и членови на комисии.

Македонски




