
„Златокоса“, работена по текст на Горјан Милошевски и Драган Довлев, а во режија на Драган Довлев, премиерно ќе биде изведена на 29 април, со почеток во 19 часот, во Театарот за деца и младинци во Скопје.
Станува збор за современа сценска интерпретација на познатата бајка („Златокосата и трите мечки“), која отвора важни прашања за семејството и за начинот на комуникација меѓу најблиските. Според коавторот Горјан Милошевски, Златокоса е дете што сака топлина и љубов, но расте во средина обележана со недоразбирање и емоционална оттурнатост. Во такви околности, тргнува на патување низ шумата, кое ја носи до домот на трите мечки – место што наликува на сон, каде што секој секого слуша, разбира, почитува, му помага и го љуби безусловно и без лутина.
Иако наменета за деца, претставата носи слоевита порака и за возрасните, потсетувајќи на значењето на вниманието, на трпението во секојдневната комуникација.
Актерската екипа ја сочинуваат: Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Владимир Лазовски, додека во алтернациите настапуваат Анастасија Ласовска, Изабела Новотни и Драган Довлев.
Сценографија и дизајнот на куклите се на Кирил Василев, кој ги изработи заедно со Бранкица Јордановска, Игор Василев е композитор на музиката, костимографијата е на Љубица Велкова, а кореографијата на Симона Спировска.
Ова е втора премиера на Театарот за деца и младинци годинава.

Македонски



