
Синоќа со претставата на Театарот за деца и млади „Колибри“ од Унгарија заврши официјалната програма на ИДТФ „Битолино“ а во чест на наградените премиерно беше изведена претставата „Аудиција“ на Театарската школа „Бабец“. Фестивалот традиционално доделува единствена награда Гран-при за најдобра претстава во целина а за која оваа година одлучуваше жири во состав од: бугарската актерка и режисерка Ефимија Павлова и македонските актери со интернационална кариера Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.
„Да се одреди победник е апсурдна како и апстрактна задача. Мерењето на уметноста е длабоко приватен, емоционален и индивидуален предизвик. Меѓутоа, кога ќе разбереме дека даденото уметничко дело е поголемо од нашите индивидуални и колективни амбиции, патот е појасен. Системот за емоционално водење на нашето тело, ум и душа ни дава јасност. Таканаречените детски претстави се најпонизното искуство за нас возрасните деца. Во уметноста, во нејзината најчиста форма, стремежот е да бидеме безусловно слободни и да можеме да си играме со целиот спектар од нашиот живот. Така, еден од најголемите театарски творци, Јержи Гротовски, честопати велел дека нашиот процес на создавање е via negativa, односно процес на враќање на она кога бевме деца, пред светот на возрасните да не обвие со општествени норми, правила, регулативи и ограничувања.“ – кажа Тони Наумовски во воведниот говор на церемонијата.
Со одлука на фестивалското жири фестивалското Гран-при за најдобра претстава во целина го доби претставата „Вошката и мравката“ на Театарот за деца и млади „Нодар Думбадзе“ од Тбилиси, Грузија.
„Претстава која е пример за вибрантна уметност од светска класа, поетска естетика, синергија на ансамбл во својот врвен облик со длабоки културни корени изведени извондредно со голема прецизност и слоевито трогателно раскажување кое има длабок и просветлувачки ефект како емоционално така и интелектуално. Целосно театарско искуство кое те поттикнува на размислување. Маестрално изведена симфонија од приказна, актерска игра, звук и движење, визуелна естетика, музика, физички живот и на ликовите, актерите и на куклите, дизајн, динамика, квалитет на енергија, ритам и темпо со јасна визија и насока што нуди магична атмосфера. Искуство кое го запира времето какво што го знаеме и кое ја буди индивидуалната и колективната меморија од нашите предци. Вкоренета во локалниот фолклор, претстава испреплетена од традиционална музика, ритуален гест и фантастични дизајнерски мотиви, одржувајќи ја приказната непосредна и современа, а наративот свеж и привлечен за публиката.“ – се вели во одлуката на жирито.
Дополнително жирито оваа година одлучи да му додели Специјална награда за актерско мајсторство на Ивица Шимиќ од „Мала сцена“, Загреб, Хрватска. А кој ја отвори официјалната програма со претставата „Pale sam na svijetu“.
„Ни претсатавува огромна чест и привилегија оваа година за прв пат да дадеме награда за маестрално актерско постигнување на легендата на Хрватското глумиште Ивица Шимиќ за улогата на Пале во претставата ‘Пале сам на светот’ во продукција на театарот Мала Сцена од Загреб, Хрватска, која ја игра 39 години со над 3000 изведби ширум светот на повеќе јазици.“ – додава жирито.
14. издание на „Битолино“ се одржа од 3-7 август во НУ Центар за култура – Битола со 6 претстави во официјалната програма и 4 во придружната програма. А во рамки на фестивалот се одржа и театарска работилница за куклен театар на Државниот куклен театар од Сливен, Бугарија.