Skip to main content

Во Стоби во септември ќе се отвори Центар за посетители

Старата железничка станица, лоцирана на нашиот најголем археолошки локалитет, Стоби, ќе биде адаптирана во современ Центар за посетители, кој треба да биде отворен во септември. Ова го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при вчерашната посета на оваа национална установа. Тој посочи дека, годинава, Министерството за култура и туризам издвои повеќе од 10 милиони денари за археолошките истражувања, конзерваторските работи и особено за проектот за адаптација на Старата железничка станица.

– Археолошкиот локалитет Стоби претставува едно од најзначајните културни богатства и важен столб на нашиот културен идентитет. Како држава, ние сме свесни за неговата исклучителна вредност и затоа постојано стоиме зад Националната установа „Стоби“, обезбедувајќи значителни буџетски средства, посочи министерот Љутков. Тој истакна дека Стоби е и стратешка точка за развој на транзитен туризам, а неговата близина до автопатот Е-75 го прави идеална дестинација за илјадници патници кои минуваат низ нашата земја.

– Со отворањето на новиот Центар за посетители и со подобрувањето  на услугите за туристите, ние сакаме да го претвориме Стоби во место каде што патниците ќе сакаат да запрат, да го запознаат нашето богато наследство и да го доживеат вистинскиот дух на античкиот свет.

Посебно се радуваме што покрај финансиската поддршка од државата, потенцијалот на Стоби го препознаваат и угледни меѓународни организации и фондации од САД, Италија и Бугарија, додаде, меѓу другото, Љутков.

Според директорката на НУ „Стоби“, Силвана Блажевска, планирани се мала музејска поставка, лапидариум со скулптури и камени споменици и презентации со интерактивни алатки и со АИ-технологија.

Министерот Љутков, заедно со градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, и митрополитот на повардарската епархија, г. Агатангел, ја посетија и црквата „Св. Атанасиј Велики“ во Габрово, каде што е означен почетокот на активностите за реставрација на храмот.

– „Свети Атанасиј Велики“ во селото Габрово, општина Гевгелија, е изградена од неимарот Андон Китанов во 1851 година, а фрескоживописана во втората половина на 19 век од познатиот Димитар Андонов-Папрадишки. Станува збор за значаен сакрален објект со вреден фрескоживопис и иконопис, кои сведочат за богатата духовна и уметничка традиција на овој крај. Заедно со градоначалникот, извршивме увид во подготвителните активности за конзервација и реставрација, на фрескоживописот и архитектурата на црквата од страна на стручни лица од Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица. Во тек е изработката на основните проекти по што ќе следува јавна набавка за архитектурата и почеток на реализацијата во јуни годинава, но и нови можности за развој на културниот туризам.

Поврзани вести