Skip to main content

Започна снимањето на дебитанскиот долгометражен филм „Пролетно чистење“ на Марија Апчевска Петровска во продукција на „Кино Око“

Продукција Кино Око

Во скопско Пржино започна снимањето на дебитантскиот долгометражен игран филм „Пролетно чистење“, по сценарио на Марија Апчевска Петровска и Ереник Бекири од Албанија, а во режија на Апчевска Петровска.

Ова е прв долгометражен филм на Апчевска Петровска, чиј последен краток филм „Северен пол“ беше првиот македонски филм кој ја имаше својата премиера во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и беше прикажуван на повеќе од 150 фестивали во светот каде освои голем број на награди.

Филмот ја раскажува приказната за Варава, одметнатата ќерка која се враќа во својот мал роден град поради самоубиството на нејзината мајка, но се чини дека и нејзината мајка се вратила од задгробниот живот за да ја научи на некои лекции.

Во главните улоги се јавуваат Јулиа Марковска Фалзон и Зоја Николова за кои ова е прво филмско искуство, како и Стефан Вујисиќ и Ана Костовска од Македонија, и Ника Розман од Словенија.

фото: Продукција Кино Око

Директор на фотографијата е Константинос Кукулис од Грција, од Србија авторската екипа се состои од Драган Вон Петровиќ монтажа, и костимографката Лидија Андриќ, додека дизајнер на шминка и маска е Мојца Горогранц Петрушевска од Словенија. Македонски автори во филмот се нашите докажани професионалци Кирил Спасески како дизајнер на продукција и Игор Поповски кој е одговорен за звукот.

Филмот е во продукција на Кино Око на Роберт Насков и финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, филмските центри на Словенија, Грција и Србија, како и од ERT – националната телевизија на Грција. Овој проект доби финансиска поддршка и од Европскиот кинематографски фонд EURIMAGES, а во фазата на развој беше поддржан од програмата МЕДИА и од SEE CINEMA NETWORK. Копродуценти на филмот се Антигони Рота (Foss Productions) од Грција, Боштјан Иковиќ (Arsmedia) од Словенија и Милош Љубомировиќ (Servia Film) од Србија.

Поврзани вести