Skip to main content

Љутков: Стоби е стратешки локалитет за културата и туризмот, вложуваме над 10 милиони денари

МИА архива

Археолошкиот локалитет Стоби претставува едно од најзначајните културни богатства на Република Македонија и важен столб на нашиот културен идентитет – изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на локалитетот.

Тој нагласи дека државата континуирано ја поддржува Националната установа Стоби обезбедувајќи значителни буџетски средства за заштита, конзервација и презентација на овој уникатен археолошки комплекс.

Оваа година Министерството за култура и туризам учествува во финансирањето на годишната програма на НУ Стоби со вкупно над 10 милиони денари, со што директно ги поддржуваме археолошките истражувања, конзерваторските работи и особено проектот за адаптација на Старата железничка станица во современ центар за посетители, кој треба да биде отворен во септември – истакна министерот Љутков.

Стоби, како што посочи Љутков, не е само археолошки локалитет, туку е и стратешка точка за развој на транзитен туризам, особено поради неговата близина до автопатот Е-75, што го прави идеална дестинација за илјадници патници што минуваат низ нашата земја.

Со отворањето на новиот центар за посетители и подобрувањето на услугите за туристите ние сакаме да го претвориме Стоби во место каде што патниците ќе сакаат да запрат, да го запознаат нашето богато наследство и да го доживеат вистинскиот дух на античкиот свет – истакна Љутков.

Министерот истакна дека потенцијалот на Стоби е препознаен и од меѓународни организации и фондации од САД, Италија и Бугарија. Донациите пристигнуваат од „Џ. М. Каплан фонд“, како и од Американскиот институт за римска култура, во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ и НУ Стоби, покажуваат дека станува збор за локалитет од меѓународно значење, чија вредност ги надминува границите на нашата држава.

Денешната работна средба е потврда дека заедно државата, институциите и нашите странски партнери можеме да го зачуваме и да го направиме уште попристапен и поатрактивен овој дел од нашата историја – рече Љутков.

Тој додаде дека ќе продолжат активностите за подобра туристичка презентација и заштита на локалитетот со цел Стоби да остане гордост за сегашните и идните генерации.

МИА

Поврзани вести