Skip to main content

Во Прилеп отворена изложба на Боро Арсовски Бабата

ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп

Синоќа во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп беше отворена ретроспективната изложба на слики од Боро Арсовски Бабата, по повод 55 години негово творештво.

Придонесот на Боро Арсовски Бабата кон македонската наива, како едно специфично движење на неакадемските ликовни уметници коешто ги зафати овие простори во текот на доцните 60-ти и раните 70-ти години, е голем.

Фото: Центар за култура „Марко Цепенков“

-Специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз којшто изобилува со богат визуелен вокабулар, го става Арсовски во редот на најзначајните претставници на македонската наива….
Посетителите синоќа имаа можат да ја видат ликовно-продукциската траекторија на овој врвен автор во периодот од 1970-тата до денес. Притоа забележителни се неговите напори за доследно почитување на една сликарска парадигма која во себе содржи прецизен цртеж, фигуративно-колористички баланс, автентична македонска орнаментика, костимографија и архитектура, мирен рурален секојдневен амбиент осветлен од македонското сонце… Сликите од Арсовски говорат за едно време коешто не постои денес, поточно, зборуваат за периодот кога луѓето беа многу поблиску до природата и нејзината убавина….

Фото: Центар за култура „Марко Цепенков“

Како автор на многу слики коишто се дел од музејски и колекционерски збирки, но и на многу акварели и скулптури изработени на иста тематика – македонски автентичен амбиент со елементи на етнологија од овие простори препознаена во светот како македонски етнографски идентитет – за уметникот Боро Арсовски – Бабата можеме да кажеме дека, покрај тоа што е извонреден ликовен автор, можеме да го сметаме и за хроничар на едно изминато време коешто подразбираше симбиоза на човекот и природата – посочува Роберт Цветковски, историчар на уметноста, за творештвото на уметникот, кој има учествувано на преку 200 групни изложби и 5 самостојни.

Фото: Центар за култура „Марко Цепенков“

Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции ширум светот.

Поврзани вести