
Во ера на глобализација многу е битно да останат студиите од прв, втор и трет циклус на македонски јазик, затоа што ако во Македонија не се изучуваат, каде да бараме да се изучуваат на друго место, изјави денеска директорката на Инстутот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова – Грујоска.
Таа кажа дека Институтот доставил забелешки за Предлог-законот за високото образование, кои биле утврдени на состанок на неговиот научен кадар. Побарале да нема интервенција откако беше спомнато дека може ќе се намалува бројот на студиски програми на кои се запишани двајца до пет студенти.
Потоа побаравме изедначување на критериумите за одење во следните звања. Институтот вработи солиден број кадар во минтатите четири години и сега треба да им се овозможи релаксирано да докторираат и да го добијат првото звање. Изедначувањето го побаравме затоа што за сите останати преку едно звање почнува да им важи новиот закон. Ние посакавме и за нашите млади соработници да важи, конкретно од вонреден професор или од виш научен соработник да важи, изјави Јованова-Грујовска.
Како и нивните колеги од Институтот за македонска литература, рече таа, побарале да се вреднуваат и нашите списанија кога се работи за критериумот за објавување трудови.
-На кој јазик ние треба да твориме и да објавуваме? Со објавување на англиски јазик во елитни списанија со импакт-фактор не се негува македонскиот јазик. Нам ни треба објавување на мајчин јазик, конкретно на македонски јазик во нашите реномирани списанија, но и на сите други словенски јазици, рече директорката на Институтот „Крсте Мисирков“ кој денеска беше домаќин на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари.
За привлекување студенти на катедрите посочи на стипендиите што почна да ги доделува МОН за изучување на македонскиот јазик на прв, втор и на трет циклус студии.
Имаме запишано магистранди и докторанди на кои државата ќе им ги покрие целосно магистерските и докторските студии. Ние сме секогаш отворени, нашите постдипломци и докторанди бесплатно ја добиваат целата наша литература, рече Јованова-Грујовска.
По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик таа кажа дека најголем предизвик денес за македонскиот јазик е влијанието од доминантните странски јазици и од латиницата.

Македонски



