
Драмски театар Скопје е добитник на три награди на 22. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма – ИФАД „Стоби“ 2025. Жирито во состав: Јордан Витанов, Кристина Атанасова Арсова и Фаик Мефаилоски, со едногласна одлука ги додели овогодинешните награди на најистакнатите остварувања на фестивалот.
За најдобра претстава на фестивалот е прогласена „Ифигенија за ништо“ – во продукција на Драмски театар Скопје. Во образложението за највисоката награда на фестивалот жири комисијата истакна дека: „Претставата се издвојува со силна концептуална визија, која античката трагедија ја претвора во современ политички и егзистенцијален коментар. Преку минималистички, но прецизно изграден сценски јазик, „Ифигенија за ништо“ создава длабоко емотивно и интелектуално искуство кое ја поврзува митологијата со реалноста на денешниот човек“.
Наградата за режија ја доби Филип Петковски за претставата „Ифигенија за ништо“, со образложение во Одлуката дека: „Петковски создава моќен визуелен и звучен универзум во кој трагедијата се движи меѓу древното и модерното. Неговата режија е суптилна, но впечатлива – вешто балансира меѓу симболиката и човечката драма, овозможувајќи на актерите и публиката да доживеат вистинска катарза“.
Награда за најдобра женска улога и е доделена на првенката на Драмски театар Скопје Јелена Жугиќ за улогата на Клитемнестра во претставата „Ифигенија за ништо“. Во Одлуката на жирито се истакнува дека наградата ја добива за улогата на Клитемнестра и се додава: „Со моќна енергија и прецизна емоционална контрола, Жугиќ создава потресна Клитемнестра – мајка и жена која се бори меѓу љубовта, болката и одмаздата. Нејзината изведба е пример за актерска посветеност и сценска присутност што го држи вниманието до последниот миг“.
Награда за најдобра машка улога: Марко Трајковиќ за насловната улога во претставата „КАЛИГУЛА“ на Кумановски театар. „Трајковиќ ја толкува сложената фигура на Калигула со извонредна психолошка длабочина и интензитет. Неговиот настап ја открива тенката линија меѓу лудилото и апсолутната моќ, претворајќи ја класичната драма во живо, современо размислување за човековата природа и општествените механизми на контрола“.
Театарската фела и организаторите на Фестивалот упатуваат честитки до сите наградени за нивната уметничка храброст, посветеност и инспирација. Фестивалот „ Стоби“ уште еднаш покажа дека античката драма е бескрајно актуелна и дека новите генерации театарски творци умеат да ѝ дадат свеж, силен и човечки глас.
„Ифигенија за ништо“ се игра на 6 ноември на редовниот репертоар на Драмски театар. Времетраење на претставата е 105 минути и не се препорачува за лица помлади од 16 години.

Македонски







