Skip to main content

Трет ден на 4. Интернационален фестивал на детски театар „Игор Маџиров“

Третиот ден на 4. ИФДТ „Игор Маџиров“ во петок ни носи два силни контрасти: магијата на сенките и длабочината на човековата врска во изолација.

Двојниот термин е резервиран за претставата „Свадби на животни и нешта“ на домашниот Театар „Сенки и облаци“. Според инспиративното дело на Георги и Раја Господинови, актерите Катерина Стефановска, Александра Стојановска, Дарко Богески и Круме Стефановски ја воведуваат публиката во невидливиот живот на предметите. Оваа креативна игра со сенки ја слави фантазијата и ги охрабрува децата да создаваат сопствени, апсурдни и прекрасни комбинации, како што се „кроко-каучи“ или „камило-чајници“. Првата претстава ќе се одржи во 11 часот во Н. У. Театар за деца и младинци, а за спанковците кои ќе ја пропуштат ќе има и втора шанса во 13 часот, на истото место.

Вечерната програма е посветена на емотивното гостување од Романија – „Прозорецот“ на Театарот за деца и младинци „Мерлин“ од Темишвар. Режисерот Давид Зуазола, заедно со актерите Роберт Копоц и Лауренциу Плеша, раскажуваат приказна сместена во болничка соба, која на прв поглед изгледа отсечена од светот. Низ приказните што ги раскажува еден пациент, кој гледа надвор кон паркот, се гради мостот на надежта и пријателството меѓу двајца пациенти кои животот ги спојува во таа болничка соба, покажувајќи ни ја целата моќ на зборовите и нивната можност да го обојоат светот. Во силата на зборовите и раскажувањето ќе можете да се уверите во петок, 17 октомври со почеток од 19 и 30 часот во Н. У. Театар за деца и младинци – Скопје.

Во петок, во склоп на фестивалот во просториите на Факултетот за драмски уметности ќе се одржи предавање од реномираниот српски актер и режисер Дамјан Кецоевиќ кој со посетителите ќе го споедели своето знаење и малите тајни на големите мајстори на тема „Сценски движења“. Предавањето почнува во 13 часот, а влезот е слободен.

Поврзани вести