Skip to main content

Те сакам, сите ракии испиени денес во Дебар маало ги прогласувам за испиени за твојот роденден, рече Игор Стефановски, син на Горан, на одбележувањето на денот на раѓањето на великанот

Република

Те сакам, сите ракии испиени денес во Дебар маало ги прогласувам за испиени за твојот роденден, рече Игор Стефановски, син на Горан, на одбележувањето на денот на раѓањето на великанот кое се одржа во Скопје, спроти кафаните „Наџак“ и „Идадија“, кај спомен клупата на Горан Стефановски, каде што пред шест години во негова чест беше засаден и чинар.

За присутните скопјани, кои беа дојдени во поголем број да му оддадат почит на познатиот македонски драмски писател, беше организирана пригодна програма со настап на вокално-инструменталниот состав „Аудио Скопје“, потоа пантомимска точка и улични живи статуи, а беа прочитани и одбрани текстови од и за Горан од актерките Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска Костовска и Трајанка Илиева Вељиќ, како и од членови на семејството Стефановски, негови пријатели, колеги, дебармаалци. Настанот се збогати и со ДЏ сет на Игор Стефановски.

„Мама е супер, таму е во селото Вај до Јана. Таму како што знаеш е многу инволвирана и сега во мај ќе биде кандидат за локалните избори во Кент, југоисточна Англија. Да, мојата мајка. Мама уште се бори за своите вредности и принципелности. Јана е добра, мудра и сѐ уште многу позитивна и многу ја сакам. Моите деца, Калина, твојата прва внука, слуша многу добра музика, мноу сака некои разни сцени. Јавор е момче, фудбал, ‘Мајнкрафт’. Стандардно момче ама шегаџија е во фамилијата. И синот на Јана е супер, свири бубњеви. Јас сум таман, не ме мисли. Пламена си е океј, си гази. Брат ти, Влатко, легендарниот гитарист годинава слави 50 години кариера. Бев на концертот во „Сава Центар“ во Белград, на бис четири илјадна публика во еден глас ја пееше ‘Скопје’. Двајца Стефановци имаат свирено во ‘Аби Роуд’. На едниот му требаа 67 години за да стигне до ‘Аби Роуд’, а на Јан 24, така што браво Јан! Јан е добар, врвен бубњар, завршува со факултетот и тој си гази. Внука ти, Ана, докторираше во Италија. Ги утепа. Не можеа да веруваат дека Македонка може толку добро да зборува италијански “, рече Игор седејќи на клупата на споменикот, читајќи ми го писмото на татка си што му го напишал.

фото: Република

Режисерката и професорка на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) Зоја Бузалковска во своето писмо до Горан се присети на часовите по драматургија и на испитите на Факултетот, заблагодарувајќи се на привилегијата тој да и биде професор.

Ти ме израсна со твоите драми. Доаѓав уште како средношколка на ФДУ да ги слушам твоите предавања. Фала ти за целото богатство што ни го остави во наследство. Ти си нашиот чинар, рече Бузалковска.

Нејзината колешка од факултет, актерката Синоличка Трпкова му се заблагодари на Горан за ликот кој таа го играше во многу популаранта „Бушава азбука“ и во писмото до него кажа дека се надева оти „Бушав буквар“ набрзо ќе ја види светлината на денот.

Ти си ми напишал лик што сакам да го понесам во вечноста. За мене Горане, секогаш ќе бидеш жив. Ти остави непресушен избор на животот, рече Трпкова, која во „Бушава азбука“ ја глумеше наставничката која ги пишува буквите на бела табла.

Горан Стефановски е еден од најстакнатите македонски драматурзи и писатели. Роден на 27 април 1952 година во Битола, во театарско семејство. Детството и младоста ги поминува во театарот, а потоа му го посветува и целиот живот. Негови драми се: „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“… Почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Велика Британија на 66-годишна возраст.

Од 2019 година во Дебар маало се слави денот на неговото раѓање.

Иако физички не е меѓу нас, неговите ликови сè уште живеат во нас, неговите зборови одекнуваат низ театарските сцени, а неговиот дух постојано пулсира – во говорот, мислата и сцената што го продолжува неговиот живот. Токму поради тоа велиме: Горан е секогаш присутен,“ истакнаа од Општина Центар, организаторот на настанот.

Поврзани вести