
Македонско друштво „Илинден“-Тирана во соопштение за јавноста ги осудува сите обиди за одземање на правото на глас на Македонците кои живеат надвор од Македонија.
Оценува дека таквиот потег е неприфатлив и претставува израз на длабоко непочитување кон Македонците во дијаспората.
Ние, Македонците надвор од Македонија, сакаме активно да учествуваме во градењето на слободна, демократска и просперитетна држава. Правото на глас ни припаѓа, пред сè, поради нашето потекло, грижата за татковината и нераскинливата врска што ја имаме со Македонија, стои во соопштението.
Се додава дека Македонците надвор од Македонија се важен партнер на својата татковина и интегрален дел од нејзиниот развој.
Нашиот придонес е особено значаен во надворешната политика, економијата, културата и во промоцијата на Македонија во светот. Поради тоа, Македонците надвор од Македонија мора да продолжат да го уживаат своето уставно и демократско право на глас, се нагласува понатаму во соопштението потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.
Друштвото ги повикува сите политички субјекти во Македонија да покажат почит и јасна заложба кон Македонците во дијаспората, со единствена цел – заеднички напредок и посилна Македонија.

Македонски



