Skip to main content
Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото“

Секој што нема да се соочи со фактот дека иднината на филмот е вештачката интелигенција, многу бргу ќе заостане и нема да може да се бави со филм

Од 8 до 15 јули, филмската магија се враќа на југот. Фестивалот „Преку езерото“ слави пет години со нов, амбициозен концепт. Настанот за првпат се децентрализира и се шири во три града. Нов термин. Светска премиера. Фокус на иранскиот филм. Преку 30 остварувања во селекцијата. Зад овој голем филмски триаголник стои Јани Бојаџи. Во ова интервју, тој открива како се менаџира ваков логистички предизвик. Зборува за соработката со „Креативна Европа“ и влијанието на вештачката интелигенција врз седмата уметност, го најавува и овогодишниот лауреат- актерот Тони Наумовски е добитник на наградата „Мето Јовановски“…

Фестивалот „Преку езерото“ годинава бележи јубилејно петто издание. За првпат се одлучивте за регионализација и настанот ќе се одржи во три града – Дојран, Струмица и Гевгелија. Кој беше главниот предизвик во организацијата на овој триаголник и што ќе понуди секој од градовите поединечно?

Да, тоа е триаголник составен од три града, кои во суштина претставуваат една, заедничка и неделива културна и цивилизациска целина. За тие што не знаат, Дојран, Струмица и Гевгелија, се градови кои се составени од жители кои во најголем дел се роднини, и речиси сите од мајчина или таткова страна потекнуваат од еден од трите града. Во тој смисол, за мене, кој потекнува од четвртиот град, ова не е фестивал во три града, туку во еден. За да се формира совршената совршената геометриска и цивилизациска фигура – коцката, недостига уште Кукуш, мојот град. Се надевам дека следната година, „Преку езерото“ ќе се одржува во четири града. И тогаш, оваа идеја за заедничко уметничко и културно доживување без граници ќе ја добие својата совршена димензија.

Проекциите од главната селекција остануваат во автентичниот Амфитеатар во Дојран кој гледа директно во езерото. Колку самиот амбиент придонесува за создавање на специфичната медитеранска магија која ја барате во филмовите?

Уметноста секогаш бара свое место и свое време. Амфитеатарот во Дојран, во тој смисол е навистина совршеното место за да се случи се што може да се нарече уметност. Буквално се. А кога се работи за филм и филмски фестивал Дојран и неговиот амфитеатар се уникатно и единствено место каде што се случува голема размена на духовни енергии.

Годинава за првпат воведувате програма „Кинематографија во фокус“, посветена на современиот ирански филм. Зошто го избравте токму Иран и кои се допирните точки меѓу иранскиот филмски сензибилитет и нашиот, балканско-медитерански архипелаг?

Зошто Иран и иранската кинематографија? Има сто причини најмалку. Во нашиот случај се три. Првата е дека станува збор за се уште најчистата медитеранска идеа за уметност. Втората е дека се работи за медитеранска кинематографија која по својата содржина и форма е единствена на планетата земја. И третата е што иранската кинематографија во последните 10 години е раскината помеѓу самата себе си, влечена на едната страна од авторите десиденти кои живеат на запад и од таму раскажуваат филмски приказни за тоа што се случува таму, и авторите кои живеат и работат во нивната земја, мора да признаеме во специфични, комплицирани и секако ограничени можности за избор на теми и содржини. Да речеме дека работат во цензура. Но, и оние автори како што се Абас Каиростами или Ашгар Фархади кои работат во Европа или по други западни земји, во какви односи живеат и творат? Како тие доаѓаат до пари за да ги снимаат нивните филмови? Може ли тие да изберат тема и содржина која би била критички насочена кон западните финансиери кои им овозможуваат да снимат? Овие и многу други прашања ќе бидат тема на Панелот кој на 9 јули ќе го оддржиме во Гевгелија. Ќе се обидеме да дадеме одговор на прашањето: која кинематографија може да се нарече Иранска? Таа што се снима во Иран или во странство?   

Студентската програма и филмската работилница во Струмица се во посебен фокус годинава. Како „Преку езерото“ финансиски и продукциски ќе им помогне на новите автори да ги развијат своите дипломски и дебитантски краткометражни филмови?

Како и да свртиме, студентите и дебитантите се иднината. Навистина сакаме како луѓе кои биле студенти, потоа биле и дебитанти, да им помогнеме да филмските фанатици да го снимат својот дипломски или својот прв филм. Сакаме да им помогнеме да го направат првиот чекор. А потоа, со среќа во светот на филмот кој е полн со ајкули, пирани и други риби со заби и јазици.

Во соработка со програмата „Креативна Европа“, организирате работилница за вештачката интелигенција во филмот. Како режисер, но и како едукатор, каде ја гледате границата меѓу AI како алатка и AI како закана за автентичната филмска уметност?

Секој што нема да сака да се соочи со фактот дека иднината на филмот е вештачката интелигенција, тој многу бргу ќе заостане и нема да може да се бави со филм. Мора да напоменам дека ова работилница не е наменета само за млади, туку и за веќе искусни филмаџии или видео мејкери, затоа што после софтверот, корисетењето на АИ алатките е нивото без кое филмот нема да може. Така да, ова работилница е наменета за сите филмаџии, без разлика на возраст и статус во светот на филмот.

Често нагласувате дека едукацијата и филмската писменост кај младите се клучни. Дали сметате дека фестивалите надвор од Скопје успеваат да создадат нова, посветена кино-публика во внатрешноста на Македонија?

Да поставам едно прашање? Прочитајте го, затворете ги очите десет секунди и одговорете: што ќе остане од Охрид ако го нема фестивалот „Охридско лето“? Или пак прашањето: што ќе остане од Битола ако не е фестивалот „Браќа Манаки“? Во овој дел од Македонија, седумдесет години не се инвестирало ништо во светот на филмот и визуелните уметности! Што очекувате да направиме за 5 години? Прашајте ме за 5 години и нема да имате потреба од одговор. Ова што ние го правиме е мисија. Тоа што општеството сеуште не може да ја препознае е друга работа. Но, убеден сум дека „Преку езерото“ за 5 години ќе стане најважниот настан на овој дел од светот. Не на овој дел од Македонија.

Наградата „Мето Јовановски“ за филмски остварувања годинава му припаѓа на актерот Тони Наумовски. Како го направивте овој избор и кои вредности ги претставува тој како овогодишен лауреат?

Многу беше лесен изборот. Тони Наумовски е најуспешниот македонски актер во уметноста на филмот во последната година на планетата земја! Тони Наумовски е добитник на 15 награди и неколку номинации на преку 80 фестивали по светот за актерско остварување во македонскиот филм Лена и Владимир. Колку едноставен избор беше ова. И колку многу се радуваме за Тони. На крајот од се, затоа што Тони Наумовски е пример за тоа како се успева во светот на актерството само и единствено со труд и посветеност. Да е жив и здрав. Му честитам и се радувам на неговата работа и на наградата Мето Јовановски, која самата за себе е веќе големо достигнување.

Фестивалот постојано расте, а тоа го докажува и поддршката од креативни партнери (како New Moment за визуелниот идентитет). Кога ќе погледнете наназад од првата година до денес, дали фестивалот успеа да ги „преплива“ сите граници кои си ги замисливте на почетокот?

Уф! Ние сме се уште млад фестивал, но, како што сите забележуваат, во постојан и во голем нагорен пат. На тој пат се искачуваме полесно кога со нас се компании како што е Њу Момент. Да, без поддршката на Сашо Пешев и креативата на Тоше Зафиров и неговиот тим, Преку езерото немаше да го има овој оригинален и уникатен визуелен идентитет, што многу му помага на фестивалот да биде препознаен. Им благодарам на сите што овие пет години со нас пловат спроти брановите на „Преку езерото“.

Разговараше: Невена Поповскс

фото: приватна архива

Поврзани вести