
Еден од највлијателните и најдолговечните бендови во историјата на поп-рок музиката, членови на престижната Rock & Roll Hall of Fame, „Дуран Дуран“, вечерва приредија незаборавно двочасовно шоу во Скопје.

Настанот ја потврди нивната репутација на вонвременски музички икони кои подеднакво доминираат на светската сцена и денес, привлекувајќи публика од сите генерации.

Публиката во Скопје имаше ретка можност да го доживее автентичното „Planet Earth“ искуство во затворен простор, со истиот квалитет и интензитет со кој бендот настапува пред стотици илјади луѓе на најголемите светски фестивали и стадиони ова лето, како што е претстојниот концерт во лондонскиот Хајд Парк.


Точно во планираното време, придружувани од громогласен аплауз, Сајмон Ле Бон, Џон Тајлор, Ник Роудс и Роџер Тајлор излегоа на сцената. Бендот ја водеше публиката низ емотивно и енергично патување долго четири децении, демонстрирајќи врвна харизма и свежина. Арената ечеше во еден глас за време на изведбите на нивните најголеми глобални хитови: „Hungry Like the Wolf“, „Ordinary World“, „Come Undone“, „Save a Prayer“, „Rio“…


Совршениот баланс помеѓу препознатливиот носталгичен поп-звук од 80-тите години и модерните рок аранжмани покажа зошто „Дуран Дуран“ се сметаат за револуционерен бенд кој звучи актуелно и во дваесет и првиот век.


Ова е второ гостување на легендарната четворка од Бирмингем во Скопје, точно 14 години по нивниот прв концерт во 2012 година, а членовите на бендот уште еднаш ја пофалија неверојатната синергија и експлозивната енергија на македонската публика.



Македонски


